Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
По неколкумесечна внатрешна дебата, администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден понудил размена на Виктор Бут, осуден руски трговец со оружје кој отслужува 25-годишна затворска казна во САД, за американската кошаркарка Бритни Гринер и маринецот Пол Вилан кои се затворени во Русија, jави „Си-Ен-Ен“.
Виктор Бут е поранешен советски офицер и еден од најлегендарните светски трговци со оружје, кој моментално одлежува 25 години казна затвор во САД. Сега Си-ен-ен објавува дека САД е подготвен да го трампа Бут за двајца нивни што лежат затвор во Русија.
Кремљ со години бара ослободување на Бут, тврдејќи дека неговата затворска казна од 2012 е „без основа и пристрасна“. Шансата што сега му се укажа на Бут е благодарејќи на американската кошаркарка Бритни Грајнер, која е во затвор во Русија заради шверц на наркотици, како и поранешниот американски маринец Пол Вилан, уапсен во 2018 во Русија за шпионирање за САД.
Грајнер игра во ВНБА, а за време на паузата настапува и во руската женска кошаркарска лига. Таа е уапсена на 17 февруари на аеродромот во Шереметјево, откако во нејзиниот багаж се најдени патрони со масло од хашиш. На судењето кое започна на 1 јули таа се изјасни како виновна за обвинението во надеж дека тоа ќе и ја намали казната.
Случајот со Пол Вилан е нешто постар и тој од јуни 2020 веќе отслужува 16-годишна казна затвор во Русија. Вилан е уапсен од ФСБ во Москва на 28 декември 2018, каде бил на свадба на свој поранешен колега од маринците. Според руските медиуми тој е уапсен во соба во хотелот Метропол (каде се одржувала свадбата), каде имал средба со руски граѓанин кој му дал УСБ со „листа на сите вработени во непозната (државна) безбедносна агенција“.
Наспроти овие двајца е Виктор Бут (ликот по кого е правен филмот „Господар на војната“) за кого американската администрација верува дека има доволна тежина за Кремљ за да биде заменет за двајцата американски затвореници во Москва.
За минатото на Бут, пред шверцот на оружје, главно се знае тоа што тој го има кажано за себе. Заради изобилието на пасоши што ги поседува, не е сигурна ни неговата година на раѓање, а и Русија не е нешто посебно волна да споделува информации за него.
Бут наводно е роден во 1967 во Душанбе и наводно го има завршено Воениот институт за странски јазици кој се смета за извор за кандидати за руското воено разузнавање. Неговото образование е поткрепено и со тврдењето дека тој зборува шест различни јазици и процената е дека има стигнато до позицијата полковник.
Бут падна во 2008 во операција во Тајланд каде се обиде да им продаде оружје на агенти на американската ДЕА кои се претставуваа како припадници на колумбиски ФАРК. Две години имаше судска битка за екстрадиција на Бут од Тајланд во САД, каде дури во 2012 беше осуден на 25 години затвор.
„Тој едноставно ги видел можностите кои се претставиле од трите фактори кои следувале со распадот на СССР: напуштени авиони на пистите од Москва до Киев, кои повеќе не летале затоа што немало пари за гориво или одржување; огромни државни залихи со оружје чувани од стражари кои примале минимална или воопшто не примале плата; и растечка побарувачка за ова оружје од традиционалните клиенти на СССР и новите вооружени групи кои се појавуваат од Африка до Филипините,“ изјавил Даглас Фарах, од Меѓународниот центар за проценка и стратегија и ко-автор на книга за Бут.
Иако осуден за соработката со ФАРК, Бут е осомничен дека го снабдувал со оружје речиси секој можен конфликт на планетава од 1990-те до неговото апсење, од Либерија и Сиера Леоне до Авганистан.
Бут е обвинет дека поседувал флота на товарни авиони со кои испорачува оружје низ светот. Ова е отфрлено од Бут кој тврди дека тој е обичен бизнисмен кој имал компанија што работи со логистика.