Рускоска во завршните зборови за „крвавиот четврток“: Груевски го наредил сето тоа


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Обвинителката Вилма Рускоска ги имаше завршните зборови во рамки на судскиот процес за „крвавиот четврток“.

– Кога зборувам за внатре мислам на сите сведоци и докази, а за надвор од судницата првенствено мислам на Законот за амнестија. Закон кој како политичка одлука изврши големо влијание не врз концептот на обвинението, туку на концептот на неказнивост. На судот не треба да влијае тоа што некој се соочува со 10 години затвор, а друг за истото е амнестиран. За судот треба само да влијаат фактите што ги видовме во судницата, изјави Рускоска.

Посочи дека од сведочењата на повеќе сведоци во судницата се покажа дека обвинетиот Митко Чавков свесно не преземал никакви дејствија за справување со ситуацијата и дека ништо таа вечер не било случајно.

– Сведокот С1 кажа дека Јане Ченто постојано бил во комуникација и добивал наредби од Митко Чавков, а по настаните заедно со Нинџа постојано се сретнувале со Чавков на кого му биле лути дека ги организирал по наредба на Никола Груевски, а сега ги оставил сами на цедило, рече Рускоска.

Обвинетиот Митко Пешов, рече Рускоска, дури после 20 часот се јавува и мобилизира 13 припадници на ПЕП од касарната во Ѓорче Петров, кога веќе имаме раскрварени глави во Собранието.

Обвинителката Рускоска во завршни зборови детално ги објасни и посочи доказите и сведоците изнесени пред судот, како и сите дејствија што требало а не ги презеле сите вработени во МВР кои тој ден биле на работа.

Обвинителката Ивана Трајчевска, претходно пред судот го повтори обвинителниот акт, со таа разлика што при читањето на поединечните дејствија на сите 33 првично обвинети, ги посочи лицата за кои постапката е запрена согласно Законот за амнестија.

– На истите им се става на товар дека на 27 април 2017 година од 14.30 до 22.30 часот за време на одржувањето на конститутивната седница со намера да го загрозат уставниот поредок на РМ и да го спречат изборот на претседател на Собранието предизвикале немири и насилство во просториите на Собранието и го загрозиле животот и безбедноста на пратениците, новинарите и други лица, изјави Трајчевска.

Со тоа обвинетите Митко Чавков, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ, Александар Василевски Нинџа, Никола Митревски Кољо, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.

Постапката е раздвоена за обвинетите Оливер Радулов и Сашо Марковски, кои се обвинети за помагање на кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.

Извор: МИА