Рускоска истражува зошто Јанева го форматирала телефонот пред да го најдат


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Обвинителството за организиран криминал ќе истражува зошто во вториот телефон на Катица Јанева сите податоци се избришани. Истрагата треба да открие дали Јанева свесно и намерно тврдела дека вториот телефон е изгубен во Белград, за да се форматира ICloud на апаратот. Ова значи дека на телефонот нема траги од фотографии, видеа, податоци од апликациите за комуникација како на пример Вибер, СМС и ММС пораки.

Обвинителството го пронајде изгубениот телефон кај блиски лица до Јанева. Вештачењето покажа дека телефонот е форматиран, а податоците избришани. Зошто било важно мобилниот апарат на шефицата на СЈО да биде празен пред да го најде Вилма Рускоска, треба да даде одговор обвинителството за организиран криминал.

Телефоните на Јанева се клучни и треба да покажат дали комуницирала и за што, со прво осомничениот во „Рекет“, Боки 13. Рускоска не открива детали од вештачењето ниту за првиот телефон на Јанева кој и беше одземен дента кога беше уапсен Боки 13.

Опозицијата и денеска обвинува дека обвинителката Вилма Рускоска и купува време на Катица Јанева за да брише докази и за да влијае врз сведоци. Форматираниот, изгубен па пронајден телефон, за ВМРО – ДПМНЕ е доказ дека, Рускоска нешто прикрива.

„Очигледно дека не само што цело СЈО е ангажирано за бришење на трагите на вмешаност на Катица Јанева во „Рекет“, скандалот октопод, туку гледаме дека и обвинителството на Русковска при очи не прават слепи и случајот од петни жили се обидуваат да го ограничат само на двајцата осомничени Бојан Јовановски, Боки 13 и Зоран Милевски, наречен Кичеец“, рече Наум Стоилкоски, ВМРО – ДПМНЕ.

Во „Рекет“ засега осомничени се само Боки 13 и Зоки Кичеец. Изнудиле 1,5 милион евра од бизнисменот Орце Камчев и му ветиле дека ќе ја стопираат истрагата против него за перење пари која ја води СЈО. Обвинителството посочи дека има и видео докази од предавањето на парите, но и снимка на која се слуша глас на обвинител преку интерфон, додека трае изнудата. Но, Боки 13 и Кичеец барале осум милиони евра за да ја премислат Катица Јанева да не го гони Камчев.

Се договориле за пет, а Камчев им исплатил само 1,5 и случајот го пријавил. На рекет од Боки 13 и од Кичеец во обвинителството се пожалиле и други бизнисмени. Катица Јанева негираше дека била дел од случајот „Рекет“, но посочи дека знаела дека Боки 13 го користела нејзиното име.

Извор: АлсатМ