Рускиот воен брод „Москва“ експлодираше крај украинскиот брег – украинците тврдат дека тие го ракетирале


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Русија денеска објави дека нивниот главен воен брод од руската црноморска флота е сериозно оштетен и дека неговиот екипаж е евакуиран по експлозија предизвикана од пожар. Украинскиот претставник рече дека експлозијата е резултат на ракетен напад, пренесува Ројтерс.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека пожар на ракетниот крстосувач „Москва“ предизвикал експлозија на муниција, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на новинската агенција Интерфакс.

Тие не наведоа што го предизвикало пожарот, но Максим Марченко, украинскиот гувернер на регионот околу црноморското пристаниште Одеса, изјави дека „Москва“ била погодена од две противбродски крстосувачки ракети Нептун произведени во Украина.

„Многу гори и со толку немирно море, невозможно е да се знае кога ќе може да добие помош“, изјави советникот на украинскиот претседател Олексеј Арестович, наведувајќи дека на бродот има 510 члена на екипажот.

Загубата на ракетниот крстосувач од советската ера „Москва“ може да е голем удар за руската војска – на 50-тиот ден од војната – додека се подготвува за нов напад во источниот регион Донбас, кој најверојатно ќе го дефинира исходот од конфликтот, вели Ројтерс.

„Само загуба на подморница вооружена со балистички проектили или на единствениот руски носач на авиони ‘Кузњецов’ би бил поголем удар за рускиот морал и угледот на руската воена морнарица во очите на руската јавност“, изјави за телевизијата Карл Шустер, пензиониран капетан на американската воена морнарица.