Руски петкратен убиец и разбојник кој загина во Украина Путин го награди со орден за храброст


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Иван Непаратов кој бил осуден на 25 години затвор за грабежи и за убиство на пет лица, не отслужил ниту половина од казната. Овој лик годинава бил испратен во војната во Украина. Веднаш по неговата смрт, убиецот стана национален херој: Путин го награди со орден за храброст.

По наредба на рускиот претседател Владимир Путин со медал за храброст во борбите во Украина е награден осуденикот за 5 убиства и водач на разбојничка банда Иван Непаратов за учество во битките во Украина, објавија руски Инсајдер и Гулагу.нет. Тој бил осуден во 2013 година. Раководството на самопрогласената Луганска народна република исто така му доделило медал и орден „За крв и храброст“.

Непаратов во 2000-тите бил водач на банда во московскиот регион. Него и неговите соучесници судот ги прогласил за виновни за 5 убиства, три разбојништва, изнуда, измама, недозволено поседување оружје и други кривични дела. Непаратов бил осуден на 25 години.

Непаратов во Украина заминал од високообезбедуван затвор во областа Псков, а од казната му останале уште 13 години. Загинал во регионот Доњецк откако бил погоден со шрапнел од експлозив во главата.

Инсајдер објави и фотографии од орденот за храброст и извадок од указот на претседателот за наградување на Непаратов „за храброст и херојство при извршување на задачите од специјалната воена операција“.

Непаратов и осум члена на неговата организирана криминална група биле осудени во 2013 година. Според обвинителството, во август 2009 година Непаратов и неговите соучесници нападнале украински државјанин и му украле 176.000 рубли (околу 3.900 евра по вредноста од 2009 година). Истата година членови на неговата банда извршиле оружен грабеж во селото Сватково и ги претепале мажот и жената што живееле во куќата што ја ограбиле.

Во март 2010 година Непаратов го убил својот познаник што одбил да ги одведе членовите на бандата до локацијата на уште еден грабеж. Тој бил киднапиран, претепан и избоден 88 пати со нож, изјавиле истражителите. Во планиран напад од бандата била убиена и локална бизнисменка. Освен тоа, Непаратов убил три лица што му должеле пари: во сите три случаи сумата не надминувала 10.000 рубли (околу 250 евра според вредноста од 2010 година).

Претходно, неколку медиуми објавија дека Јевгениј Пригожин, рускиот олигарх што често се нарекува „Путиновиот шеф“ и наводен сопственик на платеничката организација „Вагнер груп“, лично ги посетувал затворите за да регрутира осуденици да се борат во војната во Украина, пишува Новаја газета.

„Имам посебно овластување од нашиот претседател, не ме здоболе за ништо, само треба да победам во оваа војна по секоја цена“, го цитираше Пригожин еден осуденик од руски Плавск.

Претходно беше откриено дека групата Вагнер им понудила на осудениците од два казнено-поправни установи во Санкт Петербург да одат во Донбас за „да помогнат во откривањето на нацистите“. „Им беа понудени 200.000 (3.400 евра) во готовина за отслужување шест месеци и амнестија доколку преживеат.“

Групата Вагнер посетила не помалку од 17 затвори и регрутирала најмалку илјада осуденици за војната во Украина, вели Новаја газета. Покрај тоа, затворот во Ростов-на-Дон има специјален објект за обука каде што оние што се согласиле да ѝ се приклучат на групата Вагнер се принудени да тренираат по 20 часа дневно со кратки паузи за оброци. Првата група осуденици веќе заминале во борбената зона на 20 јули.