Русија обвинува: Украина стои зад денешниот дронски напад на рускиот главен град Москва


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Русија ја обвини Украина дека стои зад напад со беспилотни летала во кој денеска рано наутро беа оштетени две згради во главниот град Москва.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека два дрона биле „потиснати и урнати“ и оти нема жртви во нападот.

„Обидот на режимот во Киев да изврши терористички акт со употреба на два дрона на објекти на територијата на градот Москва е запрен“, соопшти Министерството на Телеграм.

Државната агенција Тас, пак, претходно објави дека едно беспилотно летало паднало токму во близина на зградата на Министерството.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин претходно рече дека нападот се случил околу 4 часот по локално време и оти биле погодени „нестанбени“ згради, како и оти нема поголеми штети.

Украинските власти засега не излегоа со коментар.

Овој инцидент доаѓа еден ден откако Русија изврши ракетен напад врз пристанишниот град Одеса во Украина и ја уништи катедралата „Преображение“ која е од историско значење. На ова, вчера реагираше и УНЕСКО наведувајќи дека се длабоко вознемирени и најостро го осудуваат нападот врз историскиот центар на Одеса. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, вети одмазда за нападот.