Рударите од „Саса“ го ставија штрајкот во мирување


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Штрајкот и блокадата на патот кон рудникот „Саса” кои како знак на револт и незадоволство ги организираа рударите од споменатиот рудник се ставени во мирување, информираше претседателот на сидикалната организација на МЕСО во Македонска Каменица, Сашо Јованов.

Одлуката е донесена на состанокот, кој доцна синоќа се одржал во Владата на Република Македонија, а во присуство на раководствата на Сојузот на синдикатите на Македонија, Мултиетничкиот синдикат за образование и менаџерскиот тим на рудникот „Саса“ и како набљудувач присуствувала градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова. Јованов вели дека синоќа по 22 часот и 30 минути тргнати се блокадите од локалниот пат во Долна Саса, а од денеска рударите почнуваат со редовна работа.

– Договорено е преговорите да почнат во наредните два до три дена. Од наша страна ќе ги водат членовите на Управниот одбор на синдикалната организација на МЕСО од Македонска Каменица. Јас ќе бидам координатор, но нема на лице место да бидам на преговорите. Слободно ќе комуницирам со раководството на рудникот и ќе им ги доставувам барањата. Синоќешниот договор го постигнавме во интерес на рударите, вели Јованов.
Тој потенцира дека штрајкот е ставен во мирување, во текот на наредните денови ќе се преговара пред се за барањата за повисоки плати и за подобри услови за работа на рударите. Во рудникот за олово-цинк „Саса“ вработени се околу 700 лица.