Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Сопственикот на еден белградски ресторан се досети како да привлече повеќе муштерии во неговиот локал, па на чело од централната маса во ресторанот постави фигура од претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Моделот со ликот на Вучиќ е направен од пластика, а главата од гипс.
Сопственикот на ресторанот овој потег го објаснува, пред сè, дека не претставува никаква провокација.
„Идејата да поставам макета од Вучиќ во ресторанот беше маркетиншки потег. И се покажа како чист погодок“, вели Ѕвездан Пејовиќ, сопственик на ресторанот, за порталот „Данас“, додавајќи дека не го рекламирал тоа, туку дека фотографиите од гостите во „друштво“ на Вучиќ едноставно ги запалиле социјалните мрежи, па за локалот на големо се зборува во Белград.
Вучиќ во овој ресторан „седи“ веќе дваесетина дена, па редовните гости веќе се навикнаа на него. Меѓутоа, нивните првобитни реакции, според зборовите на сопственикот, биле бесценети.
„Знаев дека тоа мора да биде нешто што ќе го привлече вниманието на многу луѓе. И емоциите. А кој друг во таа мера го прави тоа, ако не претседателот Вучиќ. Реакциите на гостите кога го видоа беа поделени, како и мислењата за него. Некои се воодушевија и притрчаа да го прегрнат и избакнат, додека други луто плукаа на подот пред него“, раскажува Пејовиќ.
Вели дека една госпоѓа била толку бесна што на претседателот „сè му изнарекла в лице“, од незадоволството од неговата политика, до лошата материјална состојба во која живеат.
„Во една прилика влегоа двајца припадници на Српската напредна странка и гледајќи го Вучиќ, застанаа мирно среде кафана. Откако видоа дека станува збор за скулптура, ми рекоа: Ама не сецна, мислевме дека стварно е командантот“, наведува Пејовиќ.
Сепак, како што вели тој, највпечатлива е анегдотата поврзана со едно четиригодишно девојче.
„Детето ми пријде и ме праша дали може да се слика со Вучиќ. Му реков дека слободно може да го направи тоа. Го зеде телефонот од нејзиниот татко, ми даде да ја сликам со него, дојде до скулптурата и тогаш ми рече: Само да му шепнам нешто…“, објаснува газдата.
Интересен е фактот дека „претседателската маса“ е единствената во кафаната за која е потребна резервација, но секогаш е зафатена, бидеќи „сите сакаат да ручаат со претседателот“.
На прашање дали планира Вучиќ „да му седи“ уште долго време, Пејовиќ вели: „Па, мој е“.
Доколку Вучиќ му донесе довоно пари, планира да ги „седне“ и Тито и Путин. Скулптурата од Вучиќ, инаку, е дело на уметницата Марија Јовановиќ, на која таа работела цели шест месеци.