Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
После повеќегодишни подготовки и работа на роверот, од NASA соопштија дека нивниот „истражувач“ е подготвен за потрага по живот во други светови.
Роверот ќе биде спакуван и пренесен на Флорида каде ќе му биде извршено последно тестирање, пред да биде сместен во ракета и да биде лансиран на Марс за неколку месеци.
Роверот има амбициозна мисија: да бара докази дека некогаш постоел живот на Црвената Планета.
„Роверот „Марс 2020“ ќе бара знаци за живот на планетата. Ќе слетаме на кратерот Језеро, што е античка речна делта, а тука на Земјата знаеме дека тоа се жаришта за живот. Затоа, ќе одиме на такво место на Марс со надеж дека ќе пронајдеме живот таму“ – изјави Зак Оуснамер, машински инженер на проектот „Марс 2020 ровер“.
NASA веќе има голем број инструменти на Марс и околу него, вклучувајќи ги и роверот „Curiosity“, „InSight“ и вселенското летало „Mars Reconnaisance Orbiter“. Но, роверот „Марс 2020“ ќе има нови алатки и ажурирани инструменти што ќе му овозможат да ги извршува задачите што постојните истражувачи не можат.
Роверот треба да слета на Марс во февруари 2021 година. Се верува дека кратерот Језеро содржи големи количини на 3,5 милијарди години стари седименти за кои научниците се надеваат дека можеби содржат фосили од животот на Црвената планета.
Роверот ќе собере 30 примероци од почвата кои ќе бидат вратени на Земјата. Заменикот на проектот, Мет Валас, откри дека примероците би можеле да пристигнат на нашата планета во 2026 година.
Мисијата ќе биде клучна за идните човечки мисии на Марс, вклучувајќи го и потенцијалот за создавање кислород на неговата површина, изјави Валас. Роверот ќе носи опрема што може да го претвори јаглеродниот диоксид во кислород.
Ако биде успешен, роверот ќе биде петта мисија на NASA на Марс. Единствена друга држава што успеала да слета на оваа планета е поранешниот Советски Сојуз.