Рочиштето за „ТНТ“ одложено за утре – Трајковски бил физички нападнат


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Бившиот градоначалник на скопската општина „Гази Баб“, Тони Трајковски, денес не се појави на судското рочиште за случајот „ТНТ“, во кое тој е еден од обвинетите, поради последиците кои ги претрпел откако вчера вечер бил физички нападнат од страна на две лица, тврди неговиот адвокат. Тој покажа и фотографии на кои се гледа дека Трајковски има видливи модринки.

Инцидентот го има и во билтенот на МВР и бил пријавен во полицијата.

„На 22.12.2019 околу 23,35 часот Т.Т. пријавил дека во Скопје на пешачка патека во близина на болница, по претходна вербална расправија со две лица, бил физички нападнат од нив. С е работи на расчистување на случајот“, соопштуваат од МВР.

Како што веќе објавивме судијата Огнен Ставрев рече дека утрово се јавил кај доктор во Ургентниот центар од каде добил известување дека Трајковски е во добра здравствена состојба и е на пат кон дома. Сепак, поради фотографиите, како што пренесуваат некои од упатените медиуми, Ставрев се премислил од првичната одредба да му даде рок од 1 час на Трајковски да се појави во суд или да биде приведен во спротивно, па рочиштето го презакажа за утре.

Ако случајот ТНТ не заврши до утре, тогаш ќе се врати од почеток, поради завршување на мандатот на една од поротничките.

За уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос” на бизнисменот Фијат Цаноски, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Фото: ТВ Алфа