Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Ново рочиште од случајот „Тенк“, поврзан со набавката на луксузнот Мерцедес кој крена прашина во јавноста по објавувањето на таканаречените „бомби“, за денес е закажано во Основниот суд Скопје 1.
Во овој процес им се суди на поранешниот премиер, Никола Груевски, на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и на поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски. Постапката за „Тенк“ денес треба да продолжи со сослушување на сведоци.
На минатото рочиште кое во Кривичниот суд траеше до завршување на работното време беа сослушани петмина сведоци.
Сведокот Киро Тодоровски, кој во 2012 бил државен советник во Кабинетот на тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска пред судот сведочеше дека постоела само една понуда за набавката на луксузниот мерцедес.
Според СЈО, Груевски како премиер побарал од Јанкуловска да определи лице кое ќе спроведе незаконска јавна набавка за ново блиндирано возило. За ова, според СЈО, се фаворизирала фирмата Мак Аутостар. За да го исполни барањето Јанкуловска го ангажирала Поповски и двајцата ја злоупотребиле службената положба и овластување. МВР направило набавка на возилото кое требало да и биде дадено на владата, но според СЈО, било набавено оти Груевски сакал да се води во такво возило, но не сакал јавноста да знае за тоа.
Груевски пред судот праша како може некој да биде обвинет за сакање, како што тој е обвинет оти сакал да се вози во мерцедес. На едно од рочиштата тој во судница праша и во какво возило треба да возат лица кои се под висок ризик.
Сите тројца обвинети во овој предмет рекоа дека не се виновни за кривичните дела за кои ги гони СЈО.