Римска бања откриена на локалитетот Долиште во близина на Прилеп – дали станува збор за бањата на античкиот град Пелагонија?


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Археолошкиот тим од прилепскиот музеј во најновите археолошки ископувања на античкиот локалитет Долиште меѓу прилепските села Прилепец и Волково откри остатоци од градба на римска бања, најверојатно од јавен карактер. Остатоците се од 3 и 4 век од римско време.

Според археологот од прилепскиот Завод и музеј, Душко Темелкоски наодите се ексклузивни и укажуваат и на системот на загревање, а димензиите се 11 на 9 метри што укажува на голема градба и најверојатно јавна бања од римското време. На истражувањата на тој дел од локалитетот се одлучиле откако забележале диви, нелегални копања.

– Со ископувањата увидовме дека има убаво сочувани ѕидови од градба. Во овие десетина дневни истражувања откривме градба од римско време, од тој град чие име сѐ уште не му го знаеме. Оваа градба има повеќе простории и ние имавме среќа да ја откриеме онаа каде била бањата. Римјаните во античкиот свет се изумители на бањите. Конкретно, системот за загревање, таканаречен хипокаустен систем кој се состои од две подни нивоа. На првото ниво се изѕидани керамички столбчиња од керамички тули, врз нив имало други керамички плочки за второто подно ниво. Меѓу двата пода во празниот простор струела топлата пареа и така се загревала просторијата од бањата, објаснува археологот Темелкоски.

Ова е втора бања откриена во Прилепскиот регион, но единствена која треба да продолжи да нуди ексклузивни наоди. Првата римска бања, која била на некој богат римјанин е истражувана во 1965 година на локалитетот Пештерица. Тоа биле заштитни истражувања, зашто таму сега е акумулацијата на Прилепското езеро.

На локалитетот Долиште кој до денес крие голем антички град кој егзистирал од 5-6 век пред нашата ера до 4-5 век од нашата ера, Музејот истражуваше на неколку пункта. Во 2016 година беа откриени погребувања на жителите, а наредната 2017 година и остатоци од стопански објект. Инаку, локалитетот Долиште е познат од 50-тите години на минатиот век кога се пронајдени над 200 сребрени монети на македонски и пејонски кралеви. Темелкоски се надева дека со наредни истражувања ќе го откријат името на градот кој егзистирал 800 до 1000 години. Се надева дека тоа може да биде градот Пелагонија.

– Се надеваме дека со следни истражувања ќе ја најдеме плочката со името на градот, зашто ако е јавна бања треба да пишува на кој град му припаѓа. Јас се надевам дека тоа ќе биде градот Пелагонија. Сѐ уште не е прецизирано каде градот се наоѓал. Нашиот сон, заеднички со колегите, е да го најдеме градот Пелагонија. Можеби е овде на локалитетот Долиште, а можеби на локалитетот Старо Бонче каде е монументалната, кралска гробница. Ќе покажат истражувањата, вели археологот од прилепскиот Завод и музеј Душко Темелкоски.

Музејот ги завршува истражувањата за годинава на античкиот локалитет Долиште што е дел од програмата која ја финансира Министерството за култура.