Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Убиец! Затвор! Кој посегнал да убие куче, утре ќе убие дете!, беа само дел од скандирањата на стотина револтирани граѓани, што денеска после пладне протестираа пред зградата на човекот, што вчера околу 17.00 часот, ладнокрвно со секира закла куче на плочникот пред кафулето „Радио бар“.
Освен јавна морална осуда,насобраните побараа и кривична одговорност за сторителот на овој грозоморен чин, што според законот, треба да одговара за повеќе кривични дела.
Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“, велат дека ќе следуваат кривични пријави, по повеќе основи, а казната може да биде од 5 до 15 години затвор.
– Овој човек што вчера си дозволил со секира да убие куче, верувајте дека е подготвен утре сред бел ден на кој било да му ја отсече главата. Казната што според ова дело може да ја добие за мачење и малтретирање на животно е затвор од една година. Меѓутоа, ние ќе поднесеме кривични пријави за предизвикување на општа опасност и во договор со нашите адвокатски тимови ќе поднесеме уште неколку обвиненија,кои можат да се санкционираат и од 5 до 15 години затвор. Мора да се преземат итни законски санкции, за да стане јасно дека никој никогаш повеќе не смее да стори ништо слично, изјави претставник од ова Здружение.
Протестот го обезбедуваа десетина полицајци. Иако вчера, сторителот на ова дело бил приведен, по краткиот разговор, наводно било констатирано дека тој е нервно растроен и бил пуштен дома.
ОЧЕВИДЦИТЕ ТВРДАТ ДЕКА КУЧЕТО НЕ БИЛО АГРЕСИВНО
Кучето Идриз, било старо една година, не било агресивно, и пред неколку дена од „Анима мунди“ го вакцинирале и го подготвиле за да го згрижат во стационар. Соседите и оние кои секојдневно го среќавале “монструмот“ никогаш претходно не забележале некаква агресија кај него, но тоа не ја исклучува можноста дека иако не било јавно, тој сторил нешто слично претходно. Поранешни соседи на убиецот на Идриз, кои се грижеле за бездомните кучиња и мачки, велат дека се случувало да ги најдат отруени, но никогаш не се посомневале во него. Во овој дел од градот посебно се води грижа за бездомните кучиња. Се евидентира бројноста, и доколку е потребно се стерилизираат. Не се случило некое куче да нападне човек ниту пак се движат во глутници кои лаат и ги вознемируваат станарите.
Исто така Идриз бил миленик на локалните минувачи и жители кои велат дека бил добронамерен млад пес, кој никому не му пречел.
ПСИХОЛОШКА АНАЛИЗА НА УБИЕЦОТ
Според психологот Мирјана Јованов, не може точно да се каже во каква состојба на ум бил човекот што јавно уби куче, но наликува дека станува збор за афект.
– Ова е чин на агресија, но како и зошто тој бил предизвикан не може да се каже, освен ако човекот не биде подложен на психолошка анализа. Јасно е дека има отсуство на самоконтрола. Не може да се утврди дали е некоја социопатија, траума или пак има некое заболување што ја поттикнало промената на свеста и резултурало со ваков афект, ни рече Јованов.
Иако овој човек предизвика траума кај очевидците ( за што може да добие индивидулани тужби за нанесување на душевна траума), според Јованов и самиот е веројатно некој на кого му е потрребна психолошка помош.
– Постојано апелираме дека треба да се подигне свеста за менталното здравје, и луѓето што чувствуваат нагласена лутина, тага ила каква било останата нагласена емоционална нестабилност, да побраат помош од псхоилог, смета таа.
НЕ Е БЕЗБЕДНО ДОДЕКА СТОРИТЕЛОТ Е НА СЛОБОДА
Насобраните граѓани, кон влезот каде што живее убиецот на кучето, во знак на протест фрлаа кучешки измет а на плочникот каде што сеуште има крвави траги од настанот запалија свеќи. Тие нема да се откажат од барањата додека надлежните не ги преземат законските мерки.
– Мора итно да се делува, овој човек да биде санкциониран, и понесе одговорност. Ако ова злодело не биде интно казнето, истото може да се случи и друг пат. Тој е на слобода и сигурни сме дека во моментров ладнокрвно ги слуша нашите скандирања како што без никакви емоции вчера стори убиство, согласни беа голем дел од насобраните граѓани.
Очевидците велат дека пред да се случи убиството, кучето Идриз седело мирно на плочникот, дури немало ни никаков лаеж што го предизвикал убиецот.
(Извор: Макфакс)