Рекордни 5 милијарди евра, толкава е проекцијата за јавниот долг на Македонија во 2017


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Во 2008 година јавниот долг изнесувал 1,55 милијарди евра или 23 проценти од БДП. На крајот од 2016 задолженоста достигна 4,71 милијарди евра, или 50,1 проценти од БДП. Годинава ќе достигне рекордни 5 милијарди евра.

Финансирањето на дефицитот и враќањето на долговите во 2017 ќе го зголемат јавниот долг на Република Македонија за дополнителни 5 проценти, предупредуваат експертите. Според последните податоци што ги објави министерството за финансии, заклучно со крајот на 2016 година, јавниот долг достигна 4 милијарди и 711 милиони евра, или 50,1 проценти од бруто домашниот производ. Но согласно проекциите за дефицитот во буџетот за 2017, веќе на крајот од оваа година, јавниот долг ќе се зголеми за 302 милиони евра, односно ќе надмине 5 милијарди евра. Истовремено, во првата половина од годинава за враќање доспеваат дополнителни 371 милион евра на име стари долгови што значи дека владата ќе треба да се задолжи за уште најмалку толкава сума на пари. Или севкупно повеќе од 600 милиони евра нови задолжувања.Упатените се загрижени.

За да се сервисираат обврските и да се покрие дефицитот ќе треба задолжување од најмалку 600 милиони евра што значи и зголемување на јавниот долг за некои 5 процентни поени. Динамиката на задолжувањето би требало да се одвива рамномерно и секако во рамки на утврденото со буџетот. Идеално не може да биде, но клучно е да се води сметка согласно рамките во буџетот. Друга е приказната за што вистински се задолжуваме и како и колку се трошат парите. Зошто на пример капиталните расходи постојано не се реализираат, колку навистина изнесува дефицитот, колкави се скриените долгови, зошто постојано растат расходите за плати. Тоа се вистинските проблеми за кои јавноста нема јасни податоци, предупредува поранешниот министер за финансии Петар Гошев.

Нови аукции и еврообврзница

Само до јуни годинава ќе се одржат 18 аукции на државни хартии од вредност, а според најавите ќе се издава и нова еврообврзница. Дополнително, ќе треба да се враќаат пари и по основ на камати на долговите, вкупно 133 милиони евра.

Тоа што, безмалку секоја недела, ќе се одржува аукција на државни записи не е ништо ново ниту пак изненадување. Поголемиот проблем, според упатените, се условите во кои се реализира буџетот кој и онака беше донесен по брза постапка и со многу контроверзи:

Управувањето со јавните финансии треба да се гледа во светлото на практиката од изминатите 10 години. И ништо не треба да не чуди сега кога е ваква ситуацијата со институции кои не се ни на небо, ниту на земја, ако слушнавме како функционирале финансиите директно по наредба на поранешниот премиер кога работите беа во некоја привидна нормала. Но сега кога државата е во хаос, прашање е како се работи, посебно во услови кога судбината на врвот во власта е неизвесна, кога не се знае кој пие, а кој плаќа, предупредува поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

Во услови на криза, одолговлекување и проблематизирање на постапката за формирање Влада и отсуство на контролни механизми, Хајредини очекува дополнителни проблеми кои доминантно ќе се одразат во делот на финансиите.

Само по основ на камати на долговите, годинава треба да се вратат вкупно 133 милиони евра.