Рекорд за во Гинис: Врзан со синџири и во вреќа пливаше во Охридско езеро (видео)


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


„Човекот-амфибија“, како што популарно го нарекуваат Бугаринот Јане Петков, вчера постави Гинисов рекорд откако врзан со синџири и во вреќа, исплива над 3 километри во водите од Охридското езеро.

Растојанието по воден пат од Горица до градскиот кеј тој го исплива за околу 3 часа. Со ова 64 годишниот жител на бугарскиот град Петрич, го урна рекордот кој досега во истата дисциплина го држел Индиец.

„Се чувствувам многу добро, но и радосен сум затоа што сите заедно постигнавме еден рекорд и го соборивме досегашниот рекорд на Индиецот. Овој датум ќе остане запаметен како голем за Охрид и за мојот град Петрич“, рече Јане Петков.

Јане вели дека сè поминало добро, но оти единствен проблем му претставувала студената езерска вода.

„Освен што водата беше доста студена и имаше малку ветар, некои други проблеми немаше. Поради брановите кои ме удираа во лицето ми се нарушуваше дишењето. Не можев нормално да дишам“, додава Петков.

Јане за цело време го следеше бројна екипа од спасители на вода, медицински тимови и друг помошен персонал, а имаше и судии кои го мереа неговото време.

„Работевме како екипа и радосен сум за она што Јане што кажа дека ќе го направи, се реализираше“, рече Димитар Брчков- градоначалник на Петрич.

Рекордерот Јане Петков вели дека никогаш нема да го заборави триумфот во Охрид, а сега најавува и нови авантури. Веќе во август во својот град Петрич ќе проба да го урне рекордот за најдолго нуркање во базен.

Извор на фото и видео: Охридњуз