Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Првиот човек на Исламската верска заедница во Македонија, реис Сулејман Реџепи, упати своевидно предупредување до Владата барајќи финансиска помош за вработените во Исламската верска заедница преку субвенции од минимална плата.
Во спротивно постои опција да се повлече забраната за посета на џамиите и земјава, како што вели, да стане Бангладеш. Во телевизиско интервју рече дека барањето е пуштено до ресорното министерство, но досега одговор нема.
„Јас го побарав нашиот дел, Владата да биде внимателна што прави, имаме повратен одговор во кој се вели дека барањето е прифатено и дека е испратено на разгледување во секторот за финансии на Министерство за економија. Ќе ги потсетам малку поинаку, со писмо, затоа што не дај Боже ние да ги суспендираме одлуките, нема сила што ќе може да се бори против епидемијата, ви гарантирам, тогаш тука ќе стане Бангладеш“, вели Сулејман Реџепи – поглавар на ИВЗ .
Од ИВЗ негираат, велат дека не се работи за закана и обвинуваат дека изјавата на реисот Реџепи е извадена од контекст.
На иста линија е и вицепремиерот и член на кризниот штаб во Владата, Бујар Османи. Тој за Канал 5 вели дека барањето на верските заедници за државна помош е легитимно, бидејќи единствениот приход на вработените им е од верниците кои ги посетуваат и одржуваат церемонии во црквите и џамиите особено во пресрет на најголемите празници. Османи очекува барањето на Исламската верска заедница да биде ставено на некоја од следните владини седници.
„Јас сум во комуникација со поглаварот и во ниту еден момент не сум почувствувал дека е закана, туку повеќе како помош од страна на Владата бидејќи основниот извор на финансии е прекинат и дека сме обврзани барем со минимална плата за вработените кои во овој период останаа без никакви приходи“ ,изјави Бујар Османи – вицепремиер.
Сметам дека барањето е легитимно, но прашање е дали Владата ќе може тоа да го направи, не само на ИВЗ туку на било која верска заедница.
Македонската православна црква пак засега нема побарано помош од Владата. Оттаму информираат дека и тие се финансиски оштетени, но дека и понатаму ќе ги почитуваат владините забрани за собирање во храмовите, сè додека не се смири состојбата со корона вирусот.
Во меѓувреме, Религиите за мир и УНИЦЕФ започнуваат глобална мултирелигиска иницијатива против Ковид 19 насловена Верата во акција. Ги повикуваат сите заедници од светот да ги адаптираат верските собири согласно препораките на Светската здравствена организација.