Реформите за проширувањето денес тема на разговори во Советот за општи прашања на ЕУ


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


На денешниот состанок на Советот за општи работи кој ќе се одржи во Брисел, министрите на ЕУ како тема на разговор ќе ја имаат и ситуацијата во областа на политиката за проширување и пристапните процеси за земјите кандидатки, пренесува Макфакс.

Министрите за првпат ќе го разгледаат францускиот предлог за реформа на политиката за проширување, но не се очекуваат конкретни заклучоци, објави Советот на ЕУ.

„Не знаеме колку можеме да бидеме конкретни, но сигурно сакаме да испратиме позитивна порака до регионот“, соопштија од таму.

Најавено е дека министрите за општи и европски прашања на ЕУ (ГАЦ) денеска како последна точка на дневниот ред ќе разговараат за состојбата на полето на политиката за проширување и процесот на пристапување.

„Ова треба да биде само првиот чекор кон обновување на политиката за проширување, но и довербата меѓу земјите членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан“, велат извори од Советот на ЕУ, а пренесе „Танјуг“.

Исто така, се очекува француската државна секретарка за европски прашања, Амели де Моншалан, да ги претстави предлозите на официјален Париз за промена на методологијата за проширување.

Франција минатата недела до земјите членки на ЕУ достави за разгледување таканаречен „нон-пејпер“ или предлог за дискусија, во кој беа наведени четири принципи што Париз ги смета за основа за новата методологија за проширување на ЕУ.