Реформи во медиумите: Битка на фоторепортерите со „копи-пејст“ објавите – на ред се и новинарите


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Битката за авторски права и почитување на автентичноста и првичноста во новинарското известување кај нас е горчлив проблем со кој секојдневно се соочуваат голем број медиуми, новинари и фоторепортери. Поради тоа, и го пренесуваме следниот текст кој е изработен во рамки за потребните реформи во медиумите и заштитата од „копи-пејст“ преземањето на авторски статии.

Не може да ги доброи медиумите кои недозволено му користеле авторски фотографии, но точно знае кое дело е негово, дури и да е сечено или фотошопирано.

Многумина поминале неказнето, но кога пред седум години своја фотографија „позајмена“ ја видел на билборд како дел од кампања на Град Скопје, македонскиот фоторепортер Томислав Георгиев решил да престане да молчи. Чашата ја прелила токму ситуацијата со оваа државна институција. Градот Скопје нарачал мапи со информативни таблоа за градот, но од неколкуте фотографии употребени за билбордите една била на Георгиев, а не му била платена.

После неколкунеделни преписки со Град Скопје во кои тврдел дека тој со тоа студио нема што да се расправа, туку тие како нарачатели на билбордите, и откако ангажирал адвокат – се спогодиле.

„Платија за користење на фотографијата и не дојде до тужба. А бев решен да ги тужам. Не ми беше заради пари, но сакав да почнеме да воспоставуваме некаков ред. Едноставно ми пукна филмот, бидејќи се работеше за институција“ – вели Георгиев.

Студент што има портал плаќа на рати

Тој, заедно со уште неколку фоторепортери од Македонија, поддржани од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) од оваа година најавија борба за нивните авторски права. Јавно соопштија дека веќе нема да толерираат користење на нивни фотографии за комерцијални цели без да им се плати за тоа или да се побара дозвола за објава. Акцијата веќе дава резултати.

Адвокатката Наталија Миленкова која ги води случаите на фоторепортерите, вели дека до минатата недела пуштила опомени пред тужби за онлајн-медиуми, по една за печатен медиум и за телевизија. Вкупно се пуштени 38 опомени кои се однесуваат за околу десеттина фотографии.

Досега имаме склучено три спогодби за обештетување и неколку се во постапка на преговарање, но имајќи го предвид и временскиот период што е потребен за достава на опомените по пошта, веруваме дека за дел допрва ќе следат јавувања – вели Миленкова.

Фоторепортерот Георгиев објаснува дека опомената пред тужба е вонсудско порамнување во износ од 250 евра. Некои од медиумите веќе побарале сумата да ја покријат на рати.

„Има еден студент кој има портал, кој е свесен каква грешка направил, па побара сумата да ја плати на рати. Практично, фотографијата ја плаќаат 250 евра. Тоа е скапо, но таа можеби би била гратис ако прашале за користење“ – вели Георгиев.

Тој потенцира дека ова не го прават за да заработат пари, туку да се создаде навика и почит кон авторските права. Решиле да нема толеранција за никого, па дури и за медиумите во кои самите работат. За медиумите кои нема да ги прифатат спогодбите ќе следат тужби, а според проценка на адвокат тоа ќе ги чини повеќе од 2.000 евра.

Адвокатката Миленкова додава дека секој автор поединечно одлучува и доставува докази до нивната канцаларија за покренување на соодветни постапки. За почеток решиле да почнат со опомени пред тужба, со цел да повлијаат да прекине лошата пракса на неовластено превземање, а и за да се избегнат скапи судски постапки.

„Меѓутоа за жал, има портали и медиуми, кои во два или повеќе наврати, за краток временски период, извршиле повреда на авторските права на фотографите“ – објаснува Миленкова.

Кои се казните за кршење на авторското право?

Согласно позитивната законска регулатива во РМ, авторското право и сродните права уживаат кривична, граѓанска и прекршочна заштита. Кривичната заштита е предвидена во чл. 157 од КЗ каде јасно е наведено дека:
(1) Тој што во свое име или во име на друг неовластено ќе објави, прикаже, репродуцира, дистрибуира, изведе, емитува или на друг начин неовластено ќе посегне по туѓо авторско право или сродно право, односно авторскодело, изведба или предмет на сродно право, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години
(2) Тој што делото од став 1 ќе го стори преку преку компјутерски систем, ќе се казни со затвор од шест месеци дотри години
(3) Тој што со делот оод став 1 прибавил поголема имотна корист, ќе се казни со затвор од шест месeци до петгодини
(4) Тој што со делот оод став 1 прибавил значителна имотна корист, ќе се казни со затвор од една до пет години
(5) Обидот е казнив
(6) Примероците на авторските дела и предметите на сродните права, како и средствата за репродуцирање сеодземаат
(7) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна
(8) Гонењето за повреда на морално право се презема по предлог

Плагијатор нема право да се нарекува новинар

Тамара Чаусидис, претседателката на ССНМ, вели дека не познава новинар или медиум кој на суд добил случај за неовластено преземање на авторска содржина. Но, знае доста фоторепортери кои се подготвени да го променат овој нејзин одговор.

„И им се восхитувам заради тоа“ – вели таа.

Претседателката на новинарскиот синдикат очекува голем напредок на ова поле. Чаусидис потенцира дека ССНМ со пружањето правна помош на новинарите и медиумските работници во заштитата на нивните авторски права трасира досега непрооден пат.

Досега ниту еден новинар не се јавил во Синдикатот да бара да му биде заштитено авторското право. Ова, објаснува Чаусидис, е во основа спротивно на фактот дека плагијаторство се смета за еден од деветте смртни гревови на професионалните новинари.

„Оној што е фатен да плагира според Меѓународната федерација на новинари нема право да се нарекува новинар. Но за жал, ние некако не си го цениме трудот, па имате цели авторски текстови копирани од збор до збор. За разлика од нив, фоторепортери се јавуваат, бараат нивниот труд да се плати и како што реков во тек се спогодбени постапки или опомени пред тужба за повеќе правни лица“ – вели Чаусидис.

Какви алатки им стојат на располагање на новинарите и медиумските работници кога се во прашање авторските права? Фотографии, исти наслови, цели текстови копирани заедно со печатни грешки станаа секојдневие во македонските медиуми. Ретко кој го цитира и медиумиот кој прв објавил екслузивна вест.

Адвокатката Миленкова вели дека граѓанско-правната заштита се остварува врз основа на Законот за авторското право и сродните права, Законот за облигациони односи, Законот за обезбедување на побарувањата и Законот за парничната постапка. Исто така, предвидени се и и прекршочни санкции за непочитување на одредбите од Законот за авторското право и сродните права.

Автентичноста на новинарскиот текст се докажува нешто потешко, особено ако истиот е преработуван или изменуван, додека пак со фотографиите тоа е многу полесно. Постојат материјални докази со кои лесно се докажува поврзаноста на авторот со фотографското дело. Ако во практика се случи сепак да се оспорува авторството, постојат лиценцирани вештаци, кои можат да ја докажат автентичноста на фотографијата – вели Миленкова.

Додава дека во практика, честопати сме сведоци и на неовластено превземање на новинарски текстови, изворно, онака како што се објавени, вклучително со печатните или други терминолошки грешки. Миленкова потенцира дека кога се во прашање авторските права, Македонија не може да се пофали со судска пракса каква што имаат соседните држави, особено Србија и Хрватска како и Грција.

Тужи, не ни можеш ништо

На што се должи масовното копи пејст новинарство? Чаусидис смета дека една од причините е што никој досега не се обидел да ја среди оваа област. Но и затоа што многумина не сметаат дека е голема работа ако некој препише туѓ текст или објави туѓа слика.

„И самите автори не се агилни, незгодно им е да си ги штитат правата, да се замераат со колегите. Некои и самите не ги почитуваат, па не се бунат кога и нивните не се почитуваат. А сето тоа на крај доведува до стрмоглаво обезвреднување на трудот за што секој учесник во медиумскиот бизнис може да посведочи“ – вели таа.

Чаусидис тврди дека со ова паѓа и цената на новинарите затоа што зошто некој медиум би плаќал колумнист кога може цела колумна да ископира од туѓ сајт, зошто би плаќале фоторепортер кога може да преземе слика од фоторепортер кој часови минал на некој настан, зошто би плаќале истражувачки тим..

Фоторепортерот Георгиев вели дека некои од сопствениците на порталите се крајно безобразни кога ќе им се обрати.

Некои веднаш плаќаат, некои велат; „Тужи, не ни можеш ништо“. Дури од еден портал ми рекоа: „Па ние не ја украдовме сликата од тебе, од руска агенција ја земавме“. Зборот украдовме го користат при комуникација, свесни се дека не треба да ја имаат, ама не ја зеле од мене. Но јас велам, едноставно е, ако не си платил, не е твое.

И од државната МИА се краде

И покрај алармантната состојба со прекршувањето на авторските права, особено од страна на онлајн-медиумите со што се обезвреднува трудот на новинарите и се стимулира плагијаторство, кај многумина има оптимизам. Драган Антоновски, генерален директор и главен и одговорен уредник на Македонската информативна агенција (МИА), вели дека и од нив многумина неовластено земаат содржини и фотографии.

„МИА, на пример, би можела да живее само од тужби. Но, тоа секако не е целта. Многумина мислат: Па тоа е државна агенција, и дека може да се зема без разлика дали се претплатници или не. Дури си потпишуваат фотографии дека се од МИА, што е само доказ од каде ги земале. Ако не си претплатник, не смееш да ги користиш услугите, толку е едноставно“ – вели Антоновски.

Тој открива дека во моментов за услугите на МИА се претплатени 7 портали, 5 весника, 9 телевизии, 4 радија, неколку пи-ар агенции.

Антоновски е оптимист дека со авторските права треба постепено да се делува и дека сите треба да го сфатат како процес на кој ќе се навикнеме. Како долгогодишен новинар се сеќава дека порано имало многу поголема почит меѓу колегите.

Се знаеше што е репортер, коментатор, аналитичар, што е вeст и репортажа. Се работеше по некои светски стандарди. Беше голем грев да му земеш на некој нешто и никој не помислуваше да го прави тоа – вели директорот на МИА.

Сè што важи офлајн важи и онлајн

Претседателката на ССНМ, Чаусидис вели дека порталите кои држат до себе не си дозволуваат плагијаторство.

„Можеби порано додека никој не го покренуваше ова прашање луѓето и си дозволуваа, но сега забрзано оди освестувањето“ – вели таа.

Токму злоупотребата на авторските права како адут го користат поборниците на идејата за регулација на онлајн –медумите. Но, Чаусидис вели дека сè што важи офлајн важи и онлајн.

„Не знам од каде се таа чудна интерпретацијата дека законите не важат за интернет сферата. Кражба преку интернет или физичка кражба сеедно е кражба и подлежи на закон“ – децидна е таа.

Извор: Мета.мк