Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Редовната посета на театар, музеј или уметничка галерија може да придонесе за продолжување на животниот век на човекот. Колку почесто си се честиме со доза култура – толку подобро за нас, тврди истражувањето спроведено за овој феномен.
Истражувачите од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) открија дека луѓето кои имаат активен контакт со уметноста – на секои неколку месеци или почесто – го намалуваат ризикот од рана мрт за дури 31% во споредба со луѓето кои не го прават тоа. Дури и одењето во театар или музеј еднаш до два пати годишно може да го намали ризикот од рана смрт и тоа за 14%, пренесува CNN.
Истражувачите ги анализирале податоците собрани од 6.000 возрасни лица во Англија, на возраст од 50 години, па нагоре, кои учествувале во пообемна студија за стареењето.
„Иако други здравствени однесувања, како пушењето цигари, консумирањето алкохол и вежбањето имаат поголемо влијание врз должината на животниот век, забавата и активностите во слободното време, кои луѓето не ги перцепираат како здравствени активности, го одржуваат доброто здравје и долговечноста“, вели Дејзи Франкорт, професорка во истражувачкиот оддел за човечко однесување и здравје на UCL, како и авторка на студиите објавени во списанието British Medical Journal (BMJ).
Истражувањето траело една година, а се мерело колку често секој учесник во истото оди на концерти, во опера, уметнички галерии и музеи или се занимава со некаков вид на уметност. Од ова истражување беше исклучено киното. Испитаниците, потоа, биле следени, во просек, 12 години, а смртните случаи кои се случиле во тој период биле евидентирани со користење на податоците на Националните здравствени служби на Велика Британија (NHS).
Како уметноста влијае врз нас?
Студијата анализирала низа економски, здравствени и социјални фактори, со цел да ја објасни врската меѓу уметноста и должината на животниот век. Како што се наведува во истата, врз интензитетот на поврзаноста со уметноста влијаеле социјалните и економски разлики меѓу луѓето.
Финансискиот аспект има 9% влијание врз таа поврзаност. Когнитивните разлики, социјалните и граѓанските ангажмани, менталното здравје, подвижноста и инвалидитетот имаат големо влијание. Слободното време и професионалниот статус донесуваат значајни разлики, вели Фанкорт.
Според неа, следењето на уметничката сфера и учествување во уметноста врз нас може да делува како тампон против стресот и надоградување на креативноста, која на луѓето им овозможува прилагодување на промените на средината. Исто така, оваа врска им помага на луѓето да изградат социјален капитал – пристап до емоционална поддршка и информации кои им помагаат на луѓето поквалитетно стареење.