Ребалансот на буџетот веќе е во собраниска процедура


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Со новиот предложен ребаланс на буџетот за 2019 година, новата министерка за финансии, Нина Ангеловска, најави поддршка за повисоки плати за вработените во приватниот сектор и во јавната администрација, повеќе средства за поддршка на активните мерки за вработување и повисоки стапки на економски раст. Ребалансот веќе е пуштен во собраниска процедура.

Таа вчера пред пратениците рече дека со ребалансот на Буџетот се обезбедува распределба на поголем дел од јавните приходи кај граѓаните, директно се вложува во потребите и потенцијалите на луѓето и се дава силна финансиска поддршка на бизнисот за отворање на нови работни места.

Ангеловска, на која ова е и прв значаен документ што го елаборира пред пратениците, истакна дека за нешто помалку од три месеци за првпат на граѓаните ќе им бидат вратени и пари преку проектот „МојДДВ“ кој почна да го реализира оваа власт.

Според неа, трендовите во економијата се добри, а растот за годинава е ревидиран на 3,2 проценти, но веќе следната година се очекува да се интензивира и да изнесува 4,2 отсто, додека во 2021 година да достигне до пет проценти.

– Македонија е во првите 10 земји во ЕУ и регионот според ставката на раст на БДП. Проектираниот БДП за оваа година беше ревидиран нагорно на 3,2 отсто. Тој веќе има реализација од 3,6 проценти во првото полугодие. Нашиот економски раст го препознаваат и интернационалните институции. Меѓународните финансиски институции го ревидираат растот во нагорна линија, рече Ангеловска.

За опозицијата, предложениот ребаланс ја покажува неефикасноста на Владата и нефункционалноста на институциите. Забелешки имаат и на реализацијата на капиталните инвестиции, на проектот за субвенционирање на платите и на проектот „МојДДВ“.

– Овој ребаланс е последица на ниското ниво на реализација во одредени сектори и на преземањето мерки кои се последица на нефункционалност на институциите. Едноставно институциите не функционираат на потребното ниво. Нешто треба да преземете во менаџирањето со капиталните расходи и тоа како опозиција ви го предочуваме постојано, рече вчера пратеникот Драган Цулев од ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачкото мнозинство излезе со поддршка на ребалансот бидејќи според нив тој е направен со цел да се подобрат преформансите на Буџетот во полза на граѓаните.

– Приходите се намалуваат за 297 милиони денари, односно за 0,1 отсто. Ова е убедливо најмала корекција на приходната и расходната страна, а важно е што изворните приходи се зголемуваат за 360 милиони денари, што е показател дека економијата е стабилна и дека создава услови двигателите на економијата да ги регулираат своите обврски. Тоа ми дава за право дека и тоа како вреди овој предлог да се поддржи, истакна пратеникот Панче Иванов од СДСМ.

Ребалансот ќе биде тема на расправа и во следните денови. Пратениците во рамки на собраниската Комисија за финансирање и буџет ќе расправаат за проекциите во ребалансот, а за него се поденсени и 391 амандман. По комисиската расправа тој треба да се најде на усвојување на дневен ред на пленарна седница.

Ребалансот е така скроен што во него се одвоени 400 милиони денари за субвенционирање на растот на платите во приватниот сектор, 200 милиони денари за активните мерки за вработување, дополнителни средства за поддршка на земјоделството, 193 милиони денари за набавка на лекови за ретки болести и инсулин, 193 милиони денари за заштита на колекторскиот систем на Охридското Езеро, за исплата на поврат на ДДВ…Поради слабата реализација на одредени капитални инвестиции од иницијално планираните 25,9 милијарди денари, намалени се одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација. Вкупното намалување на капиталните инвестиции изнесува 50 милиони евра. Предвиден е и трансфер за Фондот на пензиско и инвалидско осигурување, односно 815 милиони денари кон пензиските друштва од вториот пензиски столб.