Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Реакцијата која писателот Игор Станојоски ја објави јавно на својот Фејсбук профил по повод коментарите на поетесата Лидија Димковска и Сашо Кокаланов за неговиот роман „Диссомнии“ кој е еден од трите финалисти за наградата „Роман на годината“ подолу ви ја пренесуваме интегрално. Попатно, бидејќи заборавивме тоа да го напоменеме минатиот пат, мора да потенцираме дека во претходно објавената статија во врска со романот, ставовите на Димковска и Кокаланов во никој случај не ги одразуваат ставовите на редакцијата на Таратур. Истите беа само пренесени од наша страна. Исто како што еднакво транспарентно ја пренесуваме и реакцијата на писателот Станојоски и ставовите од писателите кои ни ги пренесува тој во истата.
За двајцата писатели што пишувале против Диссомнии и за порталите што ги објавиле нивните коментари (Макфакс, Таратур, ММС и др.):
Очигледно е дека вашите објави за Диссомнии се намерен притисок врз комисијата за Роман на годината. Вакво нешто порано не се правело, особено не меѓу финалето и прогласувањето на победникот.
Диссомнии е „совршен меланж од авантура, бркотници, привиденија, кошмари, интриги, шпионажа, двојна игра, мистерии…“ (Душко Крстевски) и тешко ми паѓа кога некој зборува или кога јас треба да зборувам само за еден аспект на Диссомнии оти ми е страв дека на тој начин си ги падам читателите, ама сега сум принуден.
„Диссомнии е семоќен роман“ (Оливера Ќорвезироска) „каков што досега не видела македонската литература“ (Фросина Пармаковска) – веројатно тоа ве натерало да ја изгубите контролата над себеси и да заборавите дека писателот е обвинуван за ставовите на своите ликови само во време на диктатура, така што вашите коментари се во тој диктаторски дух за кој ја обвинувате Диссомнии. Нараторот во Диссомнии бил „про-Јанукович“… па нараторот во Гаргара беше контра-Јанукович, и сега што? Диссомнии е „комплициран за пишување и за интерпретирање, но не и за читање“ (Ќорвезироска), па со оглед на тоа што е комплициран за интерпретирање, веројатно не сте сфатиле дека нараторот не е про-Јанукович, туку е само мајданоскептик. Неговата прогноза е дека Мајдан нема да ја подобри, туку ќе ја влоши ситуацијата во земјата. Добар прогнозер. Тој воопшто не е против слобода и демократија, туку едноставно не верува дека Мајдан ќе му ги донесе овие добра. Подоцна на свој грб ќе ги осети и „слободата“ и „демократијата“. Лично познавам писатели мајданоскептици од Украина кои примаа исти такви закани како нараторот од Диссомнии.
Во вашите коментари фрчат изрази како „фашистички ставови“, „Холокауст“, „Лени Рифенштал“.
Претпоставувам дека сте ги помешале страните поради незнаење дека Мајдан беше предводен од ним сродни структури, како „Десен сектор“, „Азов“ и др., кои отворено употребуваа нацистички симболи и се инспирираа од соработката на УПА со Хитлер. Во масакрот во Одеса мајдановците спалија десетици проруски активисти…
Да скратиме… Мојата препорака е да сфатите дека ние сме писатели, со своја писателска автономија и слобода. Не мешајте ја политиката зашто за неа е потребен друг тип интелигенција, „политичка интелигенција“, која вие ја немате. Како писатели, од тоа што го имам прочитано од вас, рака на срце, ништо не ми се допаднало, ама познато ми е дека имате свои читатели. Грижете се за нив. Вакви испади не правете затоа што во нивните очи испаѓате суетни и недемократи.