Реакција на ОМД на средбата во Давос: Некористењето на името претставува потчинетост!


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


По повод средбата на премиерите на Република Македонија и Република Грција на маргините на Светскиот Економски Форум во Давос оддржана на 24 Јануари 2018, Обединета Македонска Дијаспора (ОМД), го објавува следново

Соопштение за јавноста

Вчерашниот ден ќе биде запаметен во Македонската понова историја како ден кога актуелниот Премиер на Република Македонија во свое обраќање во јавност по средба со премиер на држава со која има 27 годишен билатерален спор околу разликите за името на државата, ниту еднаш не го употреби уставното име на Република Македонија, ниту пак името на Македонскиот народ.

Употребените термини “нашите земји, нашите народи, нашата влада”, од страна на актуелниот Премиер на Република Македонија се крајно навредливи за Македонскиот Народ во Република Македонија, Грција, Бугарија, Албанија, Косово, Србија, во дијаспората и за 137-те земји членки на ОН со кои Република Македонија има дипломатски односи под уставното име. Се прашуваме кои термини ли ќе беа користени од страна на премиерот ако средбата беше со Претседателот на нивната земја.

Го потсетуваме Премиерот Заев дека согласно Уставот на Република Македонија, но и согласно стандардите на комуникација на владини претставници во современите држави каде живее и твори Македонската дијаспора, употребувањето на своето име на држава, народ, јазик е уставна должност и е чин на гордост за промовирање на својот идентитет, при што на тие официјални средби се афирмира и промовира сувереното име на својата држава.

Некористењето на уставните термини отсликува потчинетост, нерешителност и спремност за било каков компромис по секоја цена што е недозволиво. Вчерашните употребени термини од страна на Премиерот на Република Македонија, ОМД ги смета за неприфативи од страна на Македонскиот народ и одважно ги отфрла како навредливи.

Притоа напоменуваме дека промени на имиња на инфраструктурни објекти без сослушување на јавно мислење за иницијативата, преку анкети и мислења на експерти, и замена на истите со навредливи и ништовни предлози се само можни привремени решенија, кои само ќе ја отежнат и одолговлечат, но не и оневозможат неминовната корекција во иднина која ќе го рефлектира мислењето и желбата на државотворниот Македонски народ.

Ова се историски моменти за Република Македонија и Македонскиот народ, не само во Републиката туку и во соседството и дијаспората, и соодвествено на нив, Македонските политичари, а посебно Премиерот и Претседателот на државата, како највисоки институции, имаат најголема одговорност да ја почитуваат сувереноста и унитарноста на државата, преку афирмирање и промоција на засебениот идентитет и сувереност во секоја меѓудржавна и внатрешна комуникација.

ОМД, која заедно со другите Македонски Организации во дијаспората е ко-организатор на движењето #НиеСмеМакедонија, ќе продолжи со афирмација и заложба на ставовите за прекин на разговорите околу разликите за името, целосно почитување на пресудата на Меѓународниот Суд за Правда, како и повлекување од собраниска процедура на неуставниот Закон за јазици, и потчинувачкиот договор за добрососедстсво со Бугарија.