Advertisements
Актуелно

Реакција на Кацарска на сведочењето на бившиот директор на УБК: „Ех, моја чудесна Македонијо“

Судијката Добрила Кацарска, која го води кривичниот случај за собраниските насилства од „крвавиот четврток“, во рамки на сведочењето на поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, кој во периодот на насилниот упад во Собранието беше на споменатата раководна функција, му постави лично неколку прашања за настаните од 27 април.

На прашањата од судијката, кои беа едноставни, Атанасовски ќе тргнеше да одговори, го вклучуваше и го исклучуваше микрофонот, а на крај за тоа колку често се гледал со обвинетиот Нинџа рече: „Не знам како да ви одговорам на ова прашање”, пренесува Мкд.мк.

За тоа каде бил на 27 април 2017 година, Атанасовски кусо одговори дека бил на работа, па тргнал на ракомет, па не можел „следствено” да ги подреди работите, па не знаел, а на крајот ја упати судијката Кацарска одговор на ова прашање да побара од неговите обезбедувачи.

На ова судијката Кацарска изненадено му возврати: „Чекајте, господине, Вие бевте директор на УБК, а не знаете каде сте биле на 27 април, туку знаат вашите обезбедувачи”.

Атанасовски продолжи да се заплеткува во одговорите рече дека кога кажал „не знам”, мислел, како што рече, на „саатнина”.

По ваквиот негов одговор и однесување на пултот за сведочење Кацарска кусо молчеше, по што се сврте кон обвинетиот актер Владо Јовановски и рече: „Господине Владо, како беше она вашето – Ех, моја чудесна Македонија”. Обвинетиот Јовановски стана, се насмеа, широко ги отвори рацете и го цитираше истото.

Прашањата продолжија во правец на 27 април и околу тоа што знае Атанасовски, како директор на УБК, за тој ден и настан.

„Медиумски колку што сум прочитал, тоа знам. За друго во УБК обратете се. Јас дознав кога толпата почна да влегува во Собрание. Не знам што е тајно, што е декласифицирано како податок, ама она што јавно можам да го зборувам е дека МВР формираше оперативен штаб за протестите”, сведочеше Атанасовски.

По ова тој дополни уште една реченица, повикувајќи се на заклучоци и на телеграми и дополнувајќи дека УБК постапувала по налози согласно со оперативната акција.

Судијката Кацарска тука заврши со прашањата и на затворската полиција што го чуваше Атанасовски ѝ рече: „Носете го”.

По сведочењето тој беше спроведен во притвор во Шутка, кој му беше определен по сведочењето на двајцата браќа Стефан и Михаил Младеновски, кои во своите искази кажаа дека наредби добивале од Нинџа, зад кој стоел токму сведокот Атанасовски.

Advertisements
To Top