Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Точно е тоа дека на 31 јули 2017 година мојата фирма Брачна игра зема кредит од Еуростандард банка од 700 илјади денари, но не е точно дека досега не бил вратен ни денар, се вели во демнатот на сопственикот на фирмата Игор Џамбазов по денешното соопштение на здружението Оштетени штедачи.
„Кредитот беше земен по најрегуларен пат, како и многу други фирми од областа на културата кои се обидуваа не само да преживеат, туку и да создадат некаква вредност на уметничкиот пазар, и беше наменет за два нови проекти во театарот. Досега се вратени 324.736 денари. Значи, скоро половина. Тоа го кажуваат и документите што ни ги испрати банката. Треба да се врати остатокот, плус каматите.
Не е точно дека друштвото Брачна игра во време на земањето на кредитот немала приходи и пливала во долгови. Работевме и повеќе од солидно, фирмата имаше само еден долг кон една скопска фирма вклучена во еден од проектите, кој навистина не беше голем. Можеби колку една плата. Вториот долг е долгот кон банката. Брачна игра не е во стечај, за што постои и документ од Централниот регистар. Само што не функционира од веќе познатите причини, како и 90 проценти од фирмите. Кредитот беше враќан сè до крајот на 2019 година. Идејата ни беше да направиме нов проект, и во 2020 година од приходот, да си го вратиме долгот. Потоа дојде короната, и сè застана. Но никој, никогаш не помислил на можноста кредитот да не се врати. Еве, и сега чекаме на одговор од банката за начинот на враќање, бидејќи добивме опомена преку писмо, дека треба да си го подмириме долгот, што е нормално. Постојат две опции: договор со банката за продолжување на плаќање на кредитот или комплетна отплата преку некоја друга банка, за што постои законска можност. Се надевам дека ова набргу ќе се случи, и оваа тажна приказна ќе заврши.
И за крај. Јас, Игор Џамбазов, сум подготвен да ги сносам сите правни последици. Моралните веќе ги сносам, благодарјќи им на медиумите за кои сензационализмот е секогаш пред вистината. Такви биле такви и ќе останат. За среќа, оние што ме сакаат и почитуваат (а само за нив и ми е гајле во животот) добро знаат дека јас сум чесен човек. За жал, животот ме натерал понекогаш да се дружам и со тие, нечесните. За среќа, повеќе не“, се вели во реакцијата преку Фејсбук на Игор Џамбазов.