Реакција на анестезијата – можна причина за смртта на момчето кое почина при операција на колено


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


И два дена по смртта на тинејџерот кој почина за време на операција на колено на Клинички центар во Скопје, причините за неговата смрт не се познати.

Причините за смртта на 15-годишното момче кое завчера почина при операција на коленото на Клиниката за трауматологија во Скопје сè уште не се познати. Лекарите се сомневаат дека тоа починало од агресивна реакција на анестетик, но тоа лабораториски сè уште не е докажано. Директорот на Клиниката, д-р Илир Хасани, вели дека се работи за состојба која што не е забележана во Македонија и во околните земји во последните две децении.

„Се појавува класична клиничка слика на состојба која што ние ја викаме малигна хипертернија. Ние тоа можеме да го тврдиме клинички, но не можеме сè уште ниту лабораториски ниту прецизно да кажеме дека тоа е таа состојба. Се работи за една нестандардна, агресивна и многу ретка состојба на која што организмот силно реагира на некои од инхалационите анестетици кои што се применуваат. Оваа реакција е невидена во последните 20 години, не само во Македонија туку и во околината“, вели Хасани.

Што се однесува до протоколот при вршене на операцијата, тој вели дека се запазени сите анестезиолошки протоколи.

Министерство за здравство соопшти дека ќе направи целосна анализа за трагичниот настан. И од таму велат дека првичните информации говорат дека станува збор за малигна хипертермија која се случува во многу ретки случаи кај пациенти кои имаат генетска предиспозиција.

„Целиот кадар на Клиниката за ортопедија бил максимално ангажиран во напорите да се спаси момчето. Исто така формирана е и комисија на Клиниката која ќе го анализира случајот и по добивање на официјалните резултати од обдукцијата ќе се соопштат транспарентно на целата јавност. Во наредните денови се очекуваат и официјалните резултати од Институтот за судска медицина“, велат од МЗ.

Момчето во вторникот било донесено на Клиника како итен случај откако се повредило на час по физичко.