Актуелно

Реакција и револт од страна на Институтот за специјална едукација и рехабилитација за Нацрт Законот за основно образование

До нашата редација пристигна реакција од страна на професори од Иститутот за специјална едукација и рехабилитација (дефектологија) при Филозофскиот факултет во Скопје во однос на Нацрт законот за основно образование. Укажуваат на избрзани и неподготвени одлуки кои ќе влијаат негативно на квалитетот на образованието и рехабилитацијата на учениците со пречки во развојот, притоа маргинализирајќи ја улогата на специјалниот едукатор и рехабилитатот како стручен профил.

Ви го пренесуваме документот во целост:

Долги години се залагаме за соодветна имплементација на Инклузивниот процес. Донесувањето на нов Закон за основно образнование беше адекватен момент за да се систематизираат овие процеси. Меѓутоа тоа е сензитивен процес, кој бара многу дебати и подготовки. Поради тоа сме убедени дека со новата законска рамка ќе ја пропуштиме создадената прилика и промените ќе водат кон уште еден неуспех во образовните реформи. Како особено важни ги истакнуваме следните законски одлуки:

Според новиот закон за основно образование специјалниот едукатор и рехабилитатор (дефектолог) ќе биде само член на стручен тим во училиштата. Тој нема да може да изведува настава како досега во посебните основни училишта и паралелки.

Учениците со умерена и тешка интелектуална попреченост, учениците со бихејвиорални проблеми, учениците со ниско функционален аутизам и учениците со мултихендикеп нема да имаат модифицирана програма тврдат професорите од Институтот за специјална едукација и рехабилитација (дефектологија).

Во изготвувањето на новиот Закон за основно образование во ниту една фаза не беа вклучени професорите од Институтот за специјална едукација и рехабилитација (дефектологија). Не знаеме зошто? Одговорот веројатно лежи во МОН и традиционално во УНИЦЕФ. Нашиот Институт има нова и модерна студиска програма каде е опфатена инклузијата, инклузивната пракса, наставата, проценката, третманот, раната интервенција и сл. И најважно од се студиските програми години наназад беа највисоко оценети и се признати во Европа и пошироко.

Филозофскиот факултет и Институтот за специјална едукација и рехабилитација не е поканет на дебатите за законот кои веќе се организираат од страна на МОН. Исто така не знаеме зошто?

Според новиот закон за основно образование предвидено е посебните училишта да преминат во основно училиште со ресурсен центар (член 20 став 1), а посебните паралелки во центри за поддршка (Член 16). Државата може да формира основно училиште со ресурсен центар кое дава советодавна, консултативна, стручна и практична поддршка на други основни училишта. Ова училиште поддршката на други училишта може да ја даде само преку образовен или личен асистент но не и преку специјален едукатор и рехабилитатор.

Advertisements
To Top