Актуелно

Реакција на Бејли: Не е точно дека се мешам во работата на ДИК

Американската амбасада во Скопје и амбасадорот Џес Бејли реагираа на натписите во некои провладини медиуми во кои е наведено и се обвинува дека тој се мешал во работата на Државната изборна комисија (ДИК).

Со загриженост го забележуваме ова неточно известување, кое тврди дека американски амбасадор се меша во работата на Државната изборна комисија. Ова не е време за објавување на лажни вести или заговори. Амбасадорот на САД не се сретна со претставници на ДИК, не ја посетил Државната изборна комисија, ниту пак интервенирал кај некој од членовите на ДИК. САД ги поддржува правата на граѓаните на Република Македонија во демократски процес кој е отворен, транспарентен и одговорен. Ова вклучува и преглед на жалби и приговори, во согласност со македонските закони, се вели во соопштението.

Амбасадорот Бејли во понеделникот го подздрави големиот одзив на граѓаните на предвремените парламентарни избори во кои според него и ОБСЕ имало нерегуларности во процедурата. Тој истакна дека изборите се прв чекор во надминување на кризата и дека сега се е во рацете на политичките партии.

Ја изразуваме загриженоста на мониторинг тимот на Американската амбасада за административната подготовка на изборите и ја повикуваме идната влада да продолжи да работи на градење на капацитетите на ДИК и да ги разреши структурните и правните прашања кои се однесуваат на Избирачкиот список. Изборите на 11 декември се првиот чекор за Македонија да тргне чекор напред во надминување на политичката криза. Ги охрабруваме политичките партии од наредната влада да работата конструктивно со опозицијата во адекватни форми со кои ќе се движат напред во евроатланските интеграции особено во владеењето на правото, рече Бејли.

Американскиот амбасадор извесно време е на удар на симпатизери, активисти па и членови на владеачката партија ВМРО ДПМНЕ кои во неколку наврати најавија дека до претседателот Донал Трамп ќе достават петиција за негово повлекување.

Advertisements
To Top