Advertisements
Актуелно

Разорниот циклон „Фани“ евакуираше над 1 милион Индијци од нивните домови

Тројца загинати и над милион евакуирани е епилогот од ударот на моќниот циклон „Фани“ кој со ветришта со брзина од 200 км/час и поројни дождови ги погоди крајбрежните области на источна Индија.

Со денови растеше силата на циклонот во северните делови на Бенгалскиот Залив, пред да го погоди брегот на сојузната држава Одиша околу 8 часот по локално време, објави индискиот метеоролошки завод (ИМД).

Државата во последните 24 часа евакуираше над еден милион луѓе од најранливите места вдолж ниското крајбрежје, напиша премиерот на Одиша, Навен Патнаик, на Твитер.

Речиси 60 километри од крајбрежјето, силните ветришта корнеа и дрвја и електрични столбови во главниот град на погодената држава.

Училиштата и факултетите во Одиша, исто така, престанаа да работат. Стотици спасувачки тимови беа распоредени во Одиша, а на докторите и на другиот медицински персонал им било кажано да го одложат годишниот одмор до 15 мај.

Сезоната на циклони во Индија може да трае од април до декември, придружена со силна бури што ги погодуваат крајбрежните градови и предизвикуваат човечки жртви, ги оштетуваат посевите и имотите во Индија и во соседен Бангладеш.

Технолошкиот напредок им помогна на метеоролозите да го предвидуваат невремето, па властите станаа многу подобри во подготвувањето за силни бури и намалувањето на бројот на жртвите.

Циклоните обично ја губат силата кога ќе преминат на копно.

Advertisements
To Top