Различни позиции во ЕУ парламентот: Голем дел против блокадата од Макрон, но има и такви со антимуслимански став


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Мнозинството европратеници, во рамки на Европскиот парламент, вчера се изјаснија за предлог резолуцијата за поддршка на Македонија и Албанија, но имаше и дискусии од крајната десница кои дадоа целосна поддршка на одлуката на францускиот претседател Макрон за блокада на датумот за преговори за членството во ЕУ на овие земји. За оваа резолуција ќе се гласа денеска.

Вчера во Европарламентот се расправаше за вонредната резолуција за преговори со Македонија и Албанија со која повторно се бара отворање на преговорите за членство со ЕУ за овие две земји.

Најголем дел од европратениците изразија остри осуди на француското вето на самитот на ЕУ и бараат грешката во најкус можен рок да се исправи. Дел од пратениците од крајната десница и популистите го поддржуваат Макрон.

Македонија вчера доби огромна поддршка од најголемите политички групации во Европскиот парламент за итна промена одлуката и почеток на преговорите со ЕУ.

Францускиот претседател Емануел Макрон доби поддршка само од неколку француски пратеници од радикалната десница и популистичките партии како германската АфД и италијанската Северна лига.

Еврокомесарот Јоханес Хан повтори дека Европската комисија ќе продолжи да ги поддржува Северна Македонија и Албанија „на сите начини“ и изрази надеж дека пред самитот во Загреб ќе има позитивен исход.

За бугарскиот европратеник Андреј Ковачев Самитот во Загреб е предоцна. И грчката европратеничка Марија Спираки од владејачката Нова демократија изрази поддршка за европската перспектива на двете земји, потенцирајќи го Преспанскиот договор како позитивен пример.

Макрон ја доби поддршката од европратениците од француската групација Обнова на Европа. „Ние сме тука да ги штитиме интересите на Франција. Ние сакаме да ги заштитиме идентитетот и нашата демократија. Зошто сакате да внесете земја како Албанија, чии мафијашки организации се веќе во нашата земја“, праша Жордан Барела. Европратеничката Доминик Билд рече дека во Албанија „живеат многу муслимански екстремисти“, и критикуваше дека во Северна Македонија „немало ни доволна излезност на референдумот за Преспанскиот договор“. Ана Бонфриско од италијанската Северна лига, предупреди дека „во БиХ, Албанија и Косово мнозинското население се муслимани, додека во Македонија нивната бројка изнесува речиси 30 проценти“. Според неа, на такви земји не им е местото во ЕУ и побара да им се понудат алтернативи.