Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Четири нови аудио-снимки на кои се слушаат гласовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и обвинетиот во случајот „Рекет“ Зоран Милески попладнево беа објавени на YouTube каналот Facts and Figures. Во четирите тонски снимки освен нивните гласови се слуша и гласот на женско лице.
Според содржината, разговорите најверојатно се снимени лани, непосредно пред првиот круг од претседателските избори. На нив може да се слушне, како Мицкоски и Милески зборуваат за соработка и прават анализа за изборите во Западна Македонија.
Мицкоски раскажува за теренските активности во Охрид, а Милески за одзивот на гласање, велејќи дека „некои луѓе не можат да се одвратат.“
Според разговорите, Милески меѓудругото му нуди помош на Мицкоски за втор круг од изборите во Охрид бидејќи е убеден дека ќе има.
МИЦКОСКИ: За Охрид како ти стои објективно?
МИЛЕСКИ: Не сум многу ангажиран, но откако почнав да се распрашувам, откако ми кажаа за ситуацијата. Во Охрид сигурно ќе имате втор круг.
МИЦКОСКИ:Би било изненадување да се реши во прв круг работава
МИЛЕСКИ: Не тоа нема шанси…
Во разговорите може да се слушне како Мицкоски бара директно да се сретнува со Милески, а не преку други луѓе. Му нуди засилена соработка и во пост-изборниот период.
МИЦКОСКИ: Зоки ќе ни треба поинтензивна соработка на терен, мислам надвор од комитетите, јас и ти директно.
Од ВМРО-ДПМНЕ снимките ги оценија како „лов во матно“.
„Нема било што незаконски во објавеното аудио. Очајни се обидите на Зоран Заев и СДСМ да го свртат вниманието на јавноста од вистинскиот рекет и вистинскиот криминал на чие чело седи Зоран Заев. Доколку има било што инкриминирачко во снимките кои ги објави Зоран Заев тогаш ги повикуваме надлежните органи да преземат веднаш активности. Во спротивно, тоа ќе биде уште една клевета на Зоран Заев и лажно обвинување“ велат од партијата на Мицкоски.
Во меѓувреме, Зоран Милески соопшти дека снимките се автентични. Во изјава за „А1он“, тој вели дека и претходно имал повеќе состаноци со лидерот на опозицијата.
Последните снимки на YouTube се продолжение на веќе континуираната објава на незаконски снимени разговори. Последен објавуваше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, на чии аудио снимки можеше да се слушне гласот на лидерот на СДСМ Зоран Заев.