Раијола: „Ми требаат пари, имам возрасни деца – Златан треба да игра уште 5-6 години“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Најпознатиот и најконтроверзен спортски менаџер на светот, Мино Раијола, верува дека неговиот пулен Златан Ибрахимовиќ ќе игра професионален фудбал барем уште пет-шест години и после тешката повреда на коленото.

Раијола смета дека 36-годишниот напаѓач на Манчестер Јунајтед може да остане на големите фудбалски терени барем уште пет или шест години, објавија во понеделникот британските медиуми.

„Доктор Фреди Фу, лекарот кој го надгледува неговото заздравување, вели дека никогаш во својата кариера не видел толку силно и речиси неоштетено колено кај играч со толку долга кариера. Тој е еден од најдобрите ортопедски експерти на светот. Исто така, кажа дека со своите соработници сакаат да го проучуваат коленото од Ибрахимовиќ.  Поради тоа, мислам дека ќе игра барем уште пет или шест години“, изјави Раијола.

Ибрахимовиќ оваа година го повреди коленото, а неодамна изјави дека смета оти би можел да се врати на терените во божиќниот период. Истото мислење го има и тренерот Жозе Мурињо.

„Со години работев за Златан и сега е време малку тој да поработи за мене, некои пет или шест години. Имам возрасни деца и ми требаат пари, па сега малку ќе ги смениме улогите. Неговата плата доаѓа кај мене, а нему му останува мојата провизија“, се пошегува Мино.

Раијола истакнува дека има посебен однос со Ибрахимовиќ.

„И после играчката кариера Златан секогаш ќе биде дел од мојот живот, без оглед на тоа дали ќе биде столар, инвестициски банкар или фудбалски тренер. Но, Господ нека им е на помош на тие на кои ќе им биде тренер. Баш би сакал да го видам играчот кој ќе се осмели да му каже на Златан дека нема поим што зборува. Тоа ќе биде доста интересно, тоа видео секако би сакал да го погледнам“, додаде Раијола.