Радожда – последниот езерски рај


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Не, со ова ’последниот’ не мислиме дека сите други се исчезнати и уништени. За среќа, не е така. Напротив, ги има уште многу и ќе ги има уште долго, се надеваме. Но, според својата местоположба на Охридското езеро, како и на територијата на нашата убава Македонија, рибарско-туристичкото село Радожда навистина е меѓу последните на наша територија, сместено речиси на самата граница со соседна Албанија.

На надморска висина од 725 метри, 10 километри јужно од Струга и на два километри од границата со Албанија, Радожда тивко и топло дише како крајна лулка на македонското охридско крајбрежје.


Претпоставките се дека селото е старо околу 10 века, а пишани докази од документите на Душановата повелба 1342-1345 година го споменуваат под името Радобужда. Подоцна во Опширниот описен дефтер на Охридскиот санџак од 1583 се појавува под името Радохожда, а во ракописот на Бранислав Нушиќ од 1892 година се нарекува Радоожџа.

Првично формирано во планинските ливади на околу еден километар на запад, подоцна, поради близината на езерото како важен извор на храна селаните го преселуваа селото на крајбрежјето и тука ја формираат новата населба.


Радожда има седум цркви од кои централна е селската црква Свети Никола која е изградена во 18 век. Сепак, најпозната е најстарата пештерска црква Свети Арангел Михаил која е од 14 век, која се наоѓа вгнездена среде стрмните карпи над самото село.


Најголемиот дел од откриените фрески потекнуваат од 14-тиот век, а особено се истакнува единствената сочувана композиција од 13-тиот век, со претстава „Чудото во Хона“ – насликана во чест на патронот кому е посветена црквата.


Од пред самиот влез на малечката пештерска црква се шири импозантен панорамски поглед на поголем дел од селото, како и на прекрасното Охридско езеро. Намерниците кои се качуваат по стрмните скали да ја посетат црквата, подзапираат пред оваа величенствена глетка, да си ги наполнат очите со питорескна, живописна убавина на погледот кој се шири пред нив.


Радожда е крајбрежен рај кој, за разлика од другите комерцијализирани локалитети на Охридското езеро, го красат и облагородуваат спокој, мир, тишина која во лето ја брануваат летните бубалки, шумот на лисјата од како крв црвените муренки и езерските шамаци. Доколку сте љубител на опуштени летни денови, езерска хармонија која ги одмора и релаксира мислите, како и мирна и чиста езерска вода во која ќе се изнауживате и разладите – Радожда е вистинскиот избор за вас.


Оние кои еднаш ја посетиле оваа интимна езерска убавина, некако со слатка љубомора и само во свои лични, затворени кругови ги споделуваат чудесните искуства од истиот. Како да сакаат да зачуваат што повеќе само за себе, можеби дури и цела Радожда само за себе да ја сокријат.

Дел од плажата на „Треска“

Со таков спокој и релаксирана атмосфера особено плени денес напуштената туристичка населба Треска, туристички камп надвор од селото, на самата граница со Албанија, некогашна сопственост на истоимената компанија за производство на мебел.

Исто

За жал, денес целосно руиниран (со должна почит на стражарите кои се обидуваат да сочуваат што е можно повеќе од ноќните крадци), местото каде што некогаш живеела оваа туристичка населба е исполнето со блага свежина, восхитувачка хармонија на мирните плажи, спокојното или разиграно езеро, високите тополи, околните дрва кои прават раскошни природни сенки како и целиот тој коктел од летни мириси на водата, зеленилото и планината.

Поглед кон платформата во дворчето на Света Недела

На почетокот од селото, после неколку куќи, ќе ве пречека црквата Света Недела со својата студена изворска вода која го закпренува телото и ја разладува жедната душа на сите оние кои ќе подзастанат да се освежат и да уживаат во прекрасниот поглед кој се простира од малото местенце за одмор, во кругот на самата црква.

 


За ранобудните обожаватели на изгрејсонцето, Радожда е вистинско место за таканаречен изгрејсонцен аџилак.


Во најраните утрински часови, кога буквално секое камче спие и мирува во муграта, од над Галичица, таму, на другата страна од езерото, полека, со жолт шепот и игриви зраци, Сонцето ги облагородува и мие езерските води и плажита од струшката страна со сончева светлина.

Златите бои на долгиот самрак и предзајдисонцето


Од друга страна, пак, поради својата западна местоположба на езерото, а и поради фактот дека се наоѓа во пазувите на планината која веднаш се извишува над селото, Радожда го има еден од најчудесните и најдолги езерски самраци. Сонцето се губи зад планината уште попладневните часови, за да остатокот од денот да се претвори во речиси бескрајно бавно стемнување кое е одлично за пливање во стоплените езерски води.

Приватен рај на самиот брег


Зборовите се пресиромашна и немоќна алатка и средство за да можат и приближно да ги доловат шармот, убавината, изобилието од спокој, тишина и мир, како и живописието на ова прекрасно езерско село. На вас остануѕва да го посетите и непосредно да ги искусите неговите благодети.

 

Поглед на Елен камен, пред Радожда