Радев бара прекин на македонизацијата и омразата кон Бугарија, Заев му порача дека тоа што го прави е навреда за македонските граѓани


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Политичките претставници на официјални Скопје и Софија ги „бетонираа“ своите ставови за спорот што го држи блокиран патот на земјава кон Брисел. Средбата во Брдо, Словенија, меѓу премиерот Заев и бугарскиот претседател Радев во присуство на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Маркон, не им помогна да дадат позитивни сигнали за решавање на блокадата. Радев наведе дека додека Скопје не ги прифаќа историските вистини во однос на Бугарија, како што тоа го направила со Грција. Сè додека тоа не се случи, Софија нема да се помести од својот став.

„Очекуваме искоренување на говорот на омраза, делузија и толкувања за Бугарија во учебниците, спомениците, музеите и јавната политика. Тогаш нашите луѓе ќе бидат подготвени да кажат „да“. Сакаме обврзувачки документи кои се јасни од правен аспект. Македонските Бугари да бидат вклучени во пописот. Исто како што историската вистина е прифатена во односите со Грција, сакаме историската вистина да биде прифатена во односите со Бугарија. Прекин на македонизацијата и омразата кон Бугарија и донесување јасни одлуки.“

Премиерот Заев рече дека земјава е спремна да разговара за отворените прашања, но не и за македонскиот идентитет. Нагласи дека Бугарија е единствената држава што ја блокира евроинтеграцијата на земјава.

„Имаме уште една силна потврда дека само една земја членка на ЕУ се противи на нашата интеграција и на почетокот на преговорите за членство во ЕУ. За жал и на огромно разочарување, мое лично и верувам на сите наши граѓани, блокадата доаѓа од нашиот сосед Бугарија. Пораките од претседателот Макрон и канцеларката Меркел се јасни: За решенијата треба поглед напред кон иднината, а не копање кон минатото. Но, за жал, не сум сигурен дека претседателот Радев ја разбра таа порака. Чекорите и блокадите што Радев ги презема во името на Бугарија се навреда за македонските граѓани. Македонскиот народ со целата своја мирољубивост не може да ги оправда блокадите. Мојот народ мене ми даде мандат да создадам решенија, но не ми дал мандат да оправдам политики од минатиот век“, изјави Заев.

Претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лејен истакна дека дијалогот меѓу Македонија и Бугарија мора да се врати на вистинскиот пат. Таа рече дека дури и најскептичните даваат јасни пораки за преземање чекори кон проширување на Унијата.

„Но, ЕУ исто така треба да направи повеќе. Се покажаа недостатоци во процесот на отворање преговори со Албанија и Република Северна Македонија. Треба да одиме напред во овој процес, да разјасниме. Интензивно се работи од страна на Европската Комисија за клучните прашања, што е и билатерално прашање помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија. Се надевам дека ќе го решат овој проблем што е можно поскоро и ќе продолжат напред.“

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји повторно наведе дека Македонија и Албанија треба да почнат преговори со унијата.

Оливер Вархеји- еврокомесар за проширување и добрососедство

„Затоа, треба да преземеме одговорност и одлуки што водат кон тоа, што значи отворање на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, отворање поглавја со Србија, забрзување на нашата работа за Босна и Херцеговина да стане земја-кандидат и укинување на визите за косовските државјани.“

Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел рече дека самитот во Брдо е можност за слободна и отворена размена на мислења за да се види кои ќе бидат следните чекори. Словенечкиот премиер Јанез Јанша, чија земја претседава со ЕУ, рече дека иако сакале да се наведе рок за проширување, не се успеало во тоа, затоа што прво треба да се затворат отворените прашања меѓу земјите.