Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Работодавачите ќе мора овој месец од своите пари да исплатат за септември минималната плата од 12 илјади денари, а потоа да бараат финансиска помош од државата. Управата за јавни приходи го објави упатството, според кое помошта им следува на работодавачите кои минатата година оствариле загуба или нето добивка помала од 10 проценти од вкупните расходи.
За оваа мерка државата ќе дава од петстотини до 2.000 денари по вработен, во зависност од платата што ја имале работниците.
„Финансиската помош се обезбедува за период од септември 2017 до февруари 2018 година. Следува за лицата кои биле во работен однос кај работодавачот во јануари, февруари и март 2017 година“, велат од УЈП.
За да бараат помош од државата работодавачите мора редовно да ја исплаќаат платата, да не се во постапка за стечај или ликвидација и да не се ослободени од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување.
Работодавачите кои ќе добијат субвенции од државата, не смеат да ги отпуштат работниците минимум една година. Во спротивно ќе треба да ги вратат парите.
Државната помош ќе ја исплаќа Министерството за труд и социјална политика, а контролата ќе ја прават инспекторите од Државниот инспекторат за труд. Според пресметките на Министерството субвенционирани ќе бидат над 76 илјади работници. За еден месец од буџетот ќе се трошат 1.5 милион евра.
Од март следната година помошта ќе се намали на 50 отсто.