Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
По најновото Решение на Државниот инспекторат за животна средина за продолжување на забраната за работа на комбинатот Југохром за дополнителни 90 дена, работниците на Југохром повторно излегоа на протести и два часа го блокираа автопатот Скопје кон Тетово кај наплатната рампа Желино.
Фабриката за нас значи живот и егзистенција. Вака сега ние останавме на пат. Многумина од нас не ќе можат ни пензија да исереаат ако трајно се затвори фабриката. Голем број од овие работници што денеска дојдоа на протестот се со кредити а ние немаме никакви други извори на пари. Еве јас имам 35 години стаж и ако останам без работа, што ќе правам? Затоа и денеска сме овде на протести и бараме Југохром повторно да работи, вели Муамет Зибери, работник на Југохром.
Блокадата на патот и овој пат ја предводеше синдикалната организација на Југохром.
Сакаме со овој протест да влијаеме врз Владата да донесе позитивно решение против исклучувањето на печките во Југохром. Само така би се ставило крај на неизвесноста околу егзистенцијата на над 700 вработени на фабриката. Ако тоа не се случи државата од утре ќе има нови 700 невработени лица. Ние веќе три месеци не работиме и секој месец од фабриката се одлеваат над 300.000 евра за плати на работниците наместо со тие пари да инвестираме во изградба на системот за отпрашување на воздухот. Вака ние вработените дефинитивно ја губиме битката и ќе останеме без работа. Ние нема да се помириме со некој кој сака да ни ја загрози егзистенцијата па и понатаму ќе продолжиме со протести и блокади на улици и патишта се додека Владата не донесе позитивно решение за нас, изјави Светислав Спасовски, преставникот на Синдикатот на Југохром.
Југохромци за овој протест добија поддршка и од претставниците на Самостојниот синдикат на работниците од енергетика и стопанство на Македонија. Блокадата на автопатот помина мирно и траеше два часа.
Денеска со соопштение се огласи и еколошкото друштво Еко герила од Тетово кое изнесе податоци, повикувајќи се на анализа објавена неодамна од страна на Институтот за Јавно Здравје според која, во текот на јануари 2017, во периодот кога Југохром не работи, Тетово е еден од најмалку загадените градови во Македонија и е на дури десетто место според загаденоста на воздухот во државата.