Работнички бунт во кривопаланечки „Веибо“


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Во фабриката „Веибо“ во Крива Паланка, синоќа, до доцна во ноќта, работниците им го блокирале патот за излез од компанијата на управителката и неколку турски државјани, пренесува Дојче веле според изјави работници кои биле на протестот.

„Вчера околу 20 часот тие дојдоа во фабриката со две возила, директорката заедно со тројца четворица, турски државјани. Мислеа дека ние нема да дознаеме дека се тука, но се организиравме и им ја блокиравме капијата и не ги пуштавме да излезат“, вели за Дојче веле еден од работниците кој вчера до доцна во ноќта бил на протестите пред фабриката Веибо во Крива Паланка.

Тој е меѓу 200 луѓе кои немаат земено плата за својата работа како и придонеси за три месеци. Протестите на работниците кои сега се отпуштени, траат веќе пет дена, а тие најавуваат дека ќе траат се додека не си ги добијат платите и другите трошоци кои им ги должат газдите на Веибо.

Иако до неодамна во фабриката останаа да работат уште околу 150 работници, од 1 февруари на сите работници им завршува договорот и нема да им биде продолжен, со што практично фабриката ќе ја прекине својата работа.

Кристина Ампева, од здружението „Гласен Текстилец“ која исто така е дел од протестите како поддршка на работниците вели дека во моментот има околу 200 луѓе кои немаат земено плата и придонеси за три месеци.

„Значи синоќа немаше заложничка драма, единствено што тие бараат одговори лично од управителката Кристина Јакимова зошто се останати на улица и зошто не им се исплатени нивните заработени плати. Синоќа тие ја забележале управителката дека во 8 и 30 навечер доаѓа во фирмата, како и дека со камион се товараат работи и имаат право да ја задржат бидејќи се сомневаат на криминални активности, додека да излезе полиција и јавен обвинител.

Денеска е петти ден каде тие се пак на улица. Од 1 февруари сите се без работа. Синоќа управителката сакала да потпише спогодба во која откако ќе се продаде фирмата, а имало преговори, за два месеци, ќе им се исплати платата. Но не се согласија на тоа работниците“, вели Ампева за Дојче веле.

Кристина Јакимова управителка на „Веибо“ потврди дека до доцна во ноќта била во фабриката во Крива Паланка и не можела да излезе надвор, бидејќи работниците со протести не дозволувале таа и уште неколкумина да ја напуштат компанијата.

„По повод проблемот кој настана со фабриката во Крива Паланка, компанијата ВЕИБО ГРУП презема се што може да ги исплати заостанатите плати и сите останати обврски кон работниците. Во ниту еден момент не ги оспоривме нивните права и со сите свои сили работиме на изнаоѓање на решение, до кое се надеваме дека ќе дојдеме во наредните 60 до 90 дена“, велат од Веибо.