Путин стави печат: Русија излегува од Договорот за укинување на ракети со мал и среден дострел


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Рускиот претседател Владимир Путин вчера го потпиша декретот со кој Русија и официјално го суспендира Договорот за нуклеарни сили од краток и среден дострел (ИНФ) со Соединетите Американски Држави, пренесе Russia Today.

RT наведува дека овој потег на Русија е последица на сличниот потег на САД. Руската телевизија пренесе и дека Вашингтон и формално ќе биде информиран за тоа.

Русија уште минатиот месец објави дека ќе го суспендира договорот откако САД решија да се повлечат од договорот поради неговото наводно кршење од страна на Москва.

Путин, како што се неведува во декретот, наредил договорот да биде суспендиран сѐ додека Вашингтон не престане да го крши и му кажал на министерството за надворешни работи да ги информира потписниците за одлуката на Русија да го суспендира ИНФ.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео објави во петокот дека САД од тој ден ја сопираат примената на ИНФ.

Помпео тогаш порача дека Вашингтон за шест месеци целосно ќе се повлече од историскиот договор постигнат во 1987 година, доколку Русија не престане со кршење на договорот за контрола на вооружувањето и не ги уништи сите проектили кои договорот ги забранува.

Русија негира какво било кршење на договорот и го обвинува Вашингтон дека го крши договорот со ракетниот штит во Источна Европа, што САД пак го негираат.

Договорот потпишан во 1987 година им забранува на САД и Русија развивање ракети со дострел од 500 до 5.500 километри.