Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Претседателот на Русија, Владимир Путин, преку уставни измени за кои предлага да се донесат преку референдум сака да му даде поголеми овластувања на рускиот парламент, според кои пратениците во иднина би требало да одлучуваат и за премиерот. Но, „железниот“ руски лидер не се откажува од силен претседателски систем, пренесува Дојче Веле.
Рускиот претседател Владимир Путин предлага референдум во Русија за реформи на Уставот. „Сметам дека е неопходно изјаснување на граѓаните за пакет промени на Уставот“, изјави денеска тој во својот годишен говор пред пратениците и политичката елита во земјата.
Парламентот во иднина, според Путин, би требало да има право да именува премиер и членови на владата. Сега вакво право има претседателот на земјата. Меѓутоа, претседателот би требало и натаму да го има правото да го отпушти премиерот и некои министри, како и да назначува луѓе на најважните функции во надворешната и одбранбената политика. Истовремено, би требало да се заострат критериумите за претседателските кандидати. Путин во говорот за состојбата на нацијата рече дека за променетиот баланс на моќта треба да се гласа на референдум, но не наведе датум за тоа.
Што се однесува до неговата политичка иднина, Путин избегна јасна изјава. Според актуелните уставни одредби, тој по крајот на актуелниот мандат во 2024 година не може да се кандидира повторно. Набљудувачите шпекулираат дека 67-годишниот руски претседател би можел повторно да стане премиер и за таа цел сака да ги зајакне своите овластувања.