Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Изјавата на рускиот претседател Владимир Путин на средбата со претседателот Ѓорге Иванов дека писменоста е дојдена во Русија од македонската земја ги изненади и ги налути Бугарите.
„Денес во Русија е свечен ден, Денот на словенската писменост, а писменоста е дојдена кај нас токму од македонската земја“, изјавил Путин, поздравувајќи го Иванов во Кремљ.
По ова следуваше брза реакција на бугарските политичари.
„Не е важно кој од каде поминал. Тоа не е европски пристап. Важно е дека близу 300 милиони луѓе читаат и пишуваат на кирилица и на крајот на краиштата ја збогатуваат европската култура. Какво значење има од каде поминале?“, коментираше бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Реакција на, како што пишуваат бугарските медиуми, „историското“ тврдење на Путин стигна и од министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, која на својот фејсбук профил потсети дека „на 29 април 2012 година патријархот на Москва и на цела Русија, Кирил, пред претседателот Росен Плевнелиев во Софија рекол дека Бугарите ја пренеле писменоста во Русија“. Освен тоа, според неа, благодарение на Бугарија, кирилицата е веќе и на банкнотите од единствената европска валута.
„Создавањето на писменоста се случило по волјата и со учество на бугарската држава и не случајно бугарскиот владетел Борис Први во сите старобугарски книги се нарекува цар Борис Михаил-Покрстител, кој ја вовел верата и писменоста. Празникот не е само наш, а кирилицата е општа. Но, знајте дека ја паметиме историјата и затоа сме горди“, пишува Захариева и завршува со стих на бугарски поет: „И ние сме му дале нешто на светот и на сите Словени книга да читаат“.
Од Рим, од приемот во бугарската амбасада по повод празникот, се огласи бугарскиот министер за култура Боил Банов.
„Денес двајца државници рекоа дека азбуката тргнала од некое друго место, а не од Бугарија. Им посакувам на сите луѓе во сетот повеќе чувство, повеќе осет за толеранција. Поголема меѓусебна почит и поголемо почитување на историјата“, рекол Банов.
За бугарскиот историчар Божидар Димитров ваквата изјава на Путин е скандал.
„Помислив дека тоа е лажна вест!”, изјави Димитров.
Според него, имало мапа на бугарските земји во времето на кнез Борис Први, кој ги прифатил и ги поздравил учениците на Кирил и Методиј, на која јасно се гледа каде тогаш биле македонските земји, вклучувајќи ги Скопје и Охрид.
“Вистината е следнава- во времето на Кирил и Методиј, Македонија веќе 200 години била дел од Бугарија. Значи, каква Македонија, какви приказни. Нема такво нешто. Она што го знаеме како официјална руска позиција е дека рускиот патријарх изјави дека азбуката, писменоста и христијанство Русија ги добила од Бугарија“, вели Димитров. И додав дека некој можеби се обидува да шири лажни весни, зашто обично Путин знае што зборува.