Home Актуелно Путин ја доби можноста да остане претседател до 2036 година

Путин ја доби можноста да остане претседател до 2036 година

Со законското решение кое денес го изгласа рускиот парламент, претседателот на Русија, Владимир Путин, може да се кандидира за уште два претседателски мандати, со што потенцијално, тој може да остане шеф на руската држава до 2036 година.

Со овој нормативен акт, во суштина се усогласува „изборното законодавство со новите одредби на Уставот“, пишува на веб-страницата на горниот дом на рускиот парламент, Советот на Федерацијата. Новиот Устав беше прифатен на референдумот одржан минатата година.

Контроверзните законски измени му дозволуваат на 68 годишниот руски претседател да остане на власта, откако теоретски, тој требаше да замине од функцијата на крајот на актуелниот мандат кој му истекува во 2024 година.

Инаку, конкретната интервенција важи само за Путин бидејќи, како што е нагласено во текстот на законот, ограничувањето од најмногу два последователни мандата важи за секој иден претседател, освен за оној што оваа должност ја извршувал пред влегувањето во сила на измените и дополнувањата на Уставот.

Путин беше претседател на Русија во два мандата, од 31 декември 1999 до мај 2008 година. По крајот на својот втор мандат, Путин нема право да бара трет последователен претседателски избор па станува премиер, додека Димитриј Медведев е избран за негов наследник.

По измените на Уставот во 2012, мандатот на претседателот од 4 е зголемен на 6 години.

Истата година тој повторно се кандидира и е избран за претседател. Четвртиот мандат му тече од 2018 година.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…