Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Државите од Западот излегоа со осуда за плановите на руската власт да одржи итни таканаречени референдуми во делови од Украина кои во моментов се под руска контрола.
Референдумите беа најавени од претставници на четири украински региони, поддржани од руската влада, а на гласањето би се одлучувало дали овие региони да станат дел од Русија.
Планирано е референдумите да траат пет дена и да започнат во петок. Засега таква одлука е донесена во источните региони Луганск и Донецк, како и во Запорожје и Керсон на југот на Украина. Заедно овие региони сочинуваат околу 15% од територијата на Украина, што претставува територија со големина на Унгарија, пишува Ројтерс.
Рускиот претседател Владимир Путин прогласи делумна воена мобилизација во Русија. Во телевизиско обраќање тој истакна дека руската армија се соочува со воена операција на колективниот западен фронт, кој се протега преку 1.000 километри во Украина и дека поради тоа ќе бидат повикани воените резервисти. Тој истовремено изрази целосна поддршка на референдумите во четирите украински региони.
„Доколку нашиот територијален интегритет е под закана, за да ја заштитиме Русија и нашиот народ ќе преземеме се` што ни е на располагање“, изјави Путин.
Западот целосно ја отфрла шансата дека е можно организирање на легитимни и фер референдуми додека земјата се наоѓа во војна.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ги критикуваше руските планови за „лажни“ гласања, додека францускиот претседател, Емануел Макрон, овие најавени референдуми ги нарече „пародија на демократијата“.
„Да не беа референдумите во Донбас трагични, ќе беше смешно“, изјавил Макрон пред новинарите во Њујорк, каде учествува на состанок на Генералното собрание на Обединетите Нации.
Американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливен, истакна дека САД никогаш нема да ги признаат референдумите, нарекувајќи ги „напад на принципот на суверенитет и територијален интегритет“.
Од Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) соопштија дека „било каков референдум планиран од силите кои извршуваат инвазија е спротивен на меѓународното право и ќе нема никаква правна сила“.
Плановите за референдуми кои ќе се одржат во многу брз период, од бројни светски аналитичари се гледа како обид на Путин да ја забрза анексијата на Украина. Овој потег доаѓа откако украинската армија спроведува успешна контра-офанзива во која, според властите во Киев, вратиле 8.000 квадратни километри територија од руските сили.
Референдумското припојување на овие региони може да овозможи Русија започне со тврдења дека не само нејзината војска, туку и нејзината територија е под напад од оружје доставено од Западот и војната дополнително да ескалира.