Пука бизнисот со виртуелно оружје – заработките достигнуваат високи суми


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Дека фантазијата и снаодливоста се две вештини поради кои преживеавме илјадници години во немилосрдна природа и уште понемилосредно општество и не е голема новост, но повремно испливува нов доказ за неуништливата балканска снаодливост.

Компјутерските игри одамна престанаа да бидат само платформа за забава и губење на време. Некои одамна прераснаа во вистински електронски спортови, со лиги, купови и големи финалиња. Во ваквите натпревари се раѓаат светски ѕвезди, спонзорите вмупмуваат милиони, а финалето ги полни салите како што се полнат на Роланд Гарос.

Покрај тоа, тие малку подобрите често продаваат услуги за тренирање и учење, заработувајќи солидни пари од луѓе кои сакаат да ги усовршат своите вештини. Над сето тоа, бројот на луѓето кои сакаат да гледаат во живо пренос од други луѓе додека играат игри, секој ден се зголемува, а и тоа чини пари.

Меѓутоа она за што говори овој текст најдобро може да се опише како трговија со виртуелни дресови – пазар во кој се вртат вртоглави бројки, а чиј производ нема никаква улога освен козметичка. И кој, на крајот на краиштата, не можете ни да го држите во рака.

За што се работи?

„Полицаец и криминалец” – игра која постарите генерации ја играа на улица со замислени пиштоли и пушки, во последните десет години е пренесена во виртуелниот свет во облик на игра која се вика Counter-Strike: Global Offensive (CSGO). Веќе со години тоа е една од најпопуларните игри на светот, која во секој момент ја играат над 300.000 играчи ширум светот, а нејзината вкупна публика се мери во милиони.

Замислена е како игра со десет играчи, поделени во две екипи. Пред почетокот на секоја рунда, екипите имаат однапред одреден буџет и арсенал со оружје на располагање. Тоа оружје вклучува 40 пиштоли и пушки, ножеви, разни бомби и штитови. Купувањето на оружјето зависи од стратегијата и тактичките замисли кои ги има екипата, а буџетот е исклучиво виртуелен. Парите кои се користат за купување на тоа оружје во играта се целосно фиктивни и се добиваат на почеток на секоја рунда, бесплатно.

Но сега доаѓа до забавниот дел. На целото оружје може да се промени изгледот преку т.н. „скинови” – на футролите, оплатките, кошулите, дресовите – наречете ги како сакате (играчите едноставно го користат англискиот збор Skin). Тие скинови воопшто не влијаат на резултатот на играта, на квалитетот на оружјето, прецизноста и убиствената моќ. Тие се тука исклучиво како козметички додаток. Ги има стотици, а ги прави развојниот тим кој ја направи и играта – Valve.

Практично повремено се појавуваат во играта, а некои се појавуваат исклучителн ретко. Играчите меѓу себе можат да ги разменат тие скинови, што многу од нив ги наведе на идејата да заработат преку трговија. А заработуваат и тоа многу!

Зошто сето ова?

Сигурно се прашувате, кога веќе скиновите немаат никакво влијание на резултатот на мечот или на индивидуалниот квалитет, тогаш зошто е потребно сето ова.

Иако не тргува со скинови, Мирза Хусејновиќ, поранешен член на босанска е-репрезентација (така е, постојат и репрезентации) и полупрофесионален е-спортист, вели дека се работи за престиж.

А престижот во CSGO е нешто за што многу луѓе се подготвени да издвојат ненормални суми на пари. „CSGO има свои ѕвезди. Најдобрите играчи на светот, кои основаат турнири, остваруваат одлични резултати и се милина да ги гледаш. Скиновите кои тие играчи ги користат, сите сакаат да ги имаат. Тоа ви е како да купите дрес од Меси. Сигурно нема подобро да играте фудбал во него, но сепак ќе го купите и ќе платите за него поголема сума на пари” – вели Хусејновиќ.

„Еден од најдобрите играчи на светот е Никола Ковач. Неговиот автограм кој може да се купи како налепница за пушки, моментално чини околу долар и многу се продава” – додава тој. Освен скиновите на популарните играчи, постојат и скинови кои едноставно се ретки. Не се појавуваат во играта толку често, што автоматски им ја зголемува цената. Така може да се случи за скин на нож да платите и до 5.900 долари.

Како се продава?

На своите почетоци, трговијата со скинови се одвиваше на форумите и директно во играта, каде играчите стапуваа во контакт едни со други и се обидуваа да договорат размена. Меѓутоа, тој систем се покажа како целосно промашување, бидејќи немаше никаков механизам за заштита. Многу играчи остануваа со куси ракави, плаќаа скин кој никогаш не го добиваа. Тогаш почнаа да никнуваат интернетски страници, продавници кои нудеа голем избор на скинови. Една од најпопуларните страници е OPSkins. На секоја извршена трансакција, страницата зима провизија од 10 отсто.

Во едно интервју сопствениците, на кои се уште ни брада не им никнала, рекле дека бизнисот дневно им донесува 12.000 долари. Наскоро и самиот Valve се вклучи во играта и направи Steam Market. Играчите сега се заштитени, а трговијата со скинови не се разликува од било која друга трговија која можете да ја направите преку интернет, на пример на еBay или на Амазон. Па дури и на eBay можете да најдете некои од тие скинови на продажба, иако тоа не е најпопуларна платформа меѓу играчите.

Цените на скиновите ги формираат самите играчи, но и Valve, кој диктира кои скинови ќе се појавуваат поретко, а кои почесто во самата игра.

Иако скиновите можат да се најдат во играта, тоа не е најдобар начин да се дојде до нив, смета Хусејновиќ. Начинот на кој скиновите се појавуваат е многу ненадеен и непрецизен за да може да се работи околу него. Поради тоа играчите меѓу кои и многу од регионот, се занимаваат со класична трговија со цел да заработат. Купуваат поевтино, а продаваат поскапо. На прашањето зошто некој би купил поскап скин, ако може да се најде поевтин, Хусејновиќ вели дека тоа е работа на вештина на секој поединец.

„Како и во секоја трговија и тука можете да се ценкате. Ако сте доволно вешти некого да го наговорите да ви продаде скин под цената, а потоа да го продадете по повисока цена, можете да заработите многу пари. Фала му на Бога, нашиот балкански ген некако по дифолт ни ја дава таа можност, па нашиот народ релативно добро се снаоѓа” – вели Хусејновиќ.

Инсистираше имињата на најпопуларните балкански трговци да не се објавуваат јавно, но беше подготвен да каже колку тие се во можност да заработат.

„Десетици, стотици илјади долари. Луѓето купуваат автомобили, плаќаат летувања. Секако, тие резултати ги остваруваат само најдобрите, но ако доволно се посветите на тоа, пазарот е доволно голем за сериозна заработка”.

Вносен бизнис

Спортот одамна стана бизнис. Се продаваат влезници, играчи, спортска опрема, реквизити. Се вртат огромни суми на пари. Компјутерските игри веќе одамна спаѓаат во доменот на електронскиот спорт, до таа мера што веќе одамна кокетира со идејата за проширување на Олимписките игри, да се вклучат и компјутерските игри.

Ако веќе ги сметаме за еден вид на спорт, тогаш не е чудно што преку нив може и да се заработи. Разликата е само во тоа што помладите генерации се пораснати со глувче, тастатура и брз интернет, па овој облик на трговија не им е чуден. Иднината на трговијата со спортски реквизити можеби и навистина е виртуелна.

За крај, важно е да се каже дека интернетот го порамни бојното поле. Сите имаат еднакви шанси за успех. А во таков амбиент, нашите луѓе главно добро поминуваат. Сепак, навикнати сме да поаѓаме од „хендикепот”.

Извор: А1Он