Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
После првата проекција на „The Painted Bird“, филмот доби совршена реклама и публицитет во јавноста и на социјалните мрежи.
Гледачите на проекцијата масовно бегале од кино салата бидејќи не можеле да ги поднесат мачните сцени на големото платно од „The Painted Bird“. Овој чешко-украински филм чие дејство е сместено за време на Втората светска војна, премиерно беше прикажан на Филмскиот фестивал во Венеција, а критичарите беа сложни околу една работа во врска со овој филм – тоа едноставно беше премногу за публиката.
Филмот е базиран на истоимениот роман од 1965 година, а приказната го следи безименото дете кое кон крајот на Втората светска војна патува низ Европа и е сведок на голем број гротескни случувања.
Шокирана публика
Публиката едноставно не била спремна за таква содржина. Некои сведоци тврдат дека еден гледач се спрепнал и паднал по скалите додека се обидувал да побегне од кино салата, додека дури 12 гледачи навалиле на затворените врати од киното и викале на цел глас да ги пуштат надвор. И додека за некои овие информации се доволно јасно предупредување за тоа дека филмот не е за нив, други тоа ќе го доживеат како совршена реклама.
Важно е да се нагласи и тоа дека не станува збор за евитини шок трикови кои порнографски ги експлоатирааат воените ужаси, туку за филм кој ги шокираше и воодушеви филмските критичари со сцени од насилства.
Ксан Брукс, филмски критичар од The Guardian, му додели пет ѕвездички на филмот и го опиша како диво тричасовно патување низ пеколот, а оние кои останаа до крајот на проекцијата, филмот го наградија и удостоија со овации.
Сценариото, режијата и продукцијата се потпишани од Вацлав Мархул, а покрај бројната чешко-украинска актерска екипа, во филмот се појавуваат и Стелан Скарсгард, Харви Кејтел, Бери Пепер, Удо Киер и Џулијан Сендс.
Контроверзен роман
Романот кој пред половина век го напишал Јержи Косински, исто така може да се нарече контроверзен. Иако на почетокот собрал одлични критики, следеле голем број контроверзии кои му ја одзеле автентичноста и драстично му ја намалиле славата.
Романот првично е претставен како автобиографија, но тоа било доведено под знак прашалник, бидејќи се смета дека авторот инспирација за делото црпел од искуствата на својот пријател, сонародник и холивудски контроверзен режисер, Роман Полански. Но, тоа не е сè. Многумина тврдат дека Косински, всушност, лично не ја ни напишал книгата.
Сепак, сето тоа не го менува фактот дека станува збор за потресно четиво кое како да е создадено за филмска екранизација. А Мархул, како што тврдат критичарите, направил сè што е во негова моќ за да ги пренесе ужасите од војната на едноставен, но истовремено и сиров начин.