Прво патување надвор од Русија за Путин откако ја започна воената инвазија врз Украина


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Претседателот на Русија, Владимир Путин, неделава ќе посети две поранешни советски држави во централна Азија, јави руската државна телевизија, што е прво патување на рускиот лидер во странство од почетокот на конфликтот во Украина.

Поради руската инвазија која почна на 24 февруари Москва се најде под сериозни финансиски санкции на Западот за кои Путин вели дека поттикнале јакнење на трговските врски на Русија со други регионални сили како Кина, Индија и Иран.

Павел Зарубин, дописникот на руската државна телевизија Русија 1 од Кремљ, кажа дека Путин ќе ги посети Таџикистан и Туркменистан, а потоа на преговори во Москва ќе се сретне со индонезискиот претседател Џоко Видодо.

Путин во Душанбе ќе се сретне со таџикистанскиот претседател Емомали Рахмон, близок руски сојузник и најдолговечниот владетел на поранешна советска држава. Во Ашгабат ќе присуствува на самитот на касписките држави, вклучувајќи ги лидерите на Азербејџан, Казахстан, Иран и Туркменистан, кажа Зарубин.

Последното патување на Путин надвор од Русија беше посетата на Пекинг на почетокот на февруари. Тогаш рускиот лидер и кинескиот претседател Си Џинпинг го претставија „договорот за пријателство без ограничување“, само неколку часа пред церемонијата на затворањето на Зимските олимписки игри.

Русија инсистира дека испрати воени сили во Украина за да ја намали нејзината воена моќ, да спречи Западот да ја искористи како закана за Русија, да ги искорени неонацистите и да ги одбрани жителите во источните региони кои зборуваат на руски јазик.