Првиот југословенски хорор и денес е актуелен: „Кој го гледал на 7, не спие до 25“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


„Лептирица“ од 1973 година е првиот југословенски хорор филм кој и денес го сметаат за еден од најдобрите филмови од тој жанр од бивша Југославија.

„Лептирица“ на почетокот од ’70-те години го сними Ѓорѓе Кадијевиќ, за продукцијата на Радиотелевизија Београд, а набрзо потоа го прогласија за „најстрашен вампирски филм“. Наводно, кога бил прв пат прикажан, маж од Македонија починал од страв, пишува „Славорум“.

За режисерот на филмот тоа било тешко време, со оглед на политичкиот систем, па филмот кога излегол во јавност бил окарактеризиран како „терористички“.

Дејството на филмот се случува во средината на 19-ти век, во српското село Зарожје. Селото е на удар од нападите на вампирот Сава Савановиќ, кој го убива ској кој ќе се приближи до воденицата во шумата, недалеку од селото. Селаните стануваат очајни поради теророт од вампирот, со оглед на тоа дека остануваат без храна бидејќи сите воденичари им се убиени. Истовремено, сиромавиот дечко по име Страхиња се вљубува во Радојка. Целиот филм можете да го погледнете на снимката подолу.

„Кој го гледал Лептирица на 7 години, не можел да спие до 25 години (народна изрека)“ е само еден од коментарите под видеото од интегралната верзија на филмот на YouTube. Како што наведува „Славорум“, филмот е полн со словенски фолклор, а иако на моменти е предвидлив, многумина го сметаат за ремек дело, а страшен е дури и за денешните стандарди за хорор филм.

Инаку, филмот е снимен според класичниот роман за вампири „После 90 години: Приказната за српскиот вампир Сава Савановиќ“, кој авторот Милован Глишиќ го напишал 17 години после излегувањето на „Дракула“ од Брам Стокер, чие влијание и врз романот и врз филмот е очигледно.