Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Министерот за правда Билен Саљији синоќа си поднесе оставка поради, како што наведе во својата изјава, морални причини и разнишаната доверба во судството во врска со случајот на малиот Алмир.
„Довербата во судството почна да се враќа преку случаите Сопот и Монструм, но сепак во овие моменти чувствувам дека оваа доверба е разнишана во јавноста, но и кај мене лично, поради одлуката од пред неколку дена републичкиот јавен обвинител да го преквалификува обвинението во случајот на малиот Алмир. Оваа контроверзна одлука беше оспорена од четирите јавни обвинители. Како прв човек на Министерството за правда поради оваа разнишана доверба чувствувам морална обврска да поднесам оставка од функцијата министер, не како акт на неуспех или притисок, туку како акт за кој се надева ќе биде во правец на подигнување на свеста и вниманието на институциите и целото општество за бескомпромисни реформи на правосудството“, образложи Саљији.
Билен Саљији функцијата министер за правда ја вршеше од крајот на месец мај минатата година кога и беше избрана владата под раководство на премиерот Зоран Заев. Од 2005 до 2009 година Саљији бил советник за односи со јавноста во Општина Врапчиште, а од 2009 до 2011 бил директор во ЈКП „Врапчиште“, Општина Врапчиште. Од 2011 до 2017 година бил директор на Државниот инспекторат за шумарство и ловство.