Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Првата слика во боја од новиот вселенски телескоп Џејмс Веб е објавена – и е рекордерска сама по себе, пренесува Би-би-си.
Фотографијата го претставува „најдлабокиот досега“ поглед на универзумот, кој ја содржи светлината од галаксиите на која ѝ биле потребни многу милијарди години да стигне до нас.
Уште дебитантски фотографии од Џејмс Веб треба да бидат објавени на денешната светска презентација.
Вселенскиот телескоп Џејмс Веб (ЏВСТ) вреден 10 милијарди долари, лансиран на 25 декември минатата година, се смета за наследник на познатиот вселенски телескоп Хабл.
Тој ќе врши секакви набљудувања на небото, но има две главни цели. Една од нив е да се испитаат далечните планети за да се види дали би можело да се населат; другата е да ги фотографира првите ѕвезди што сјаеле во Универзумот пред повеќе од 13,5 милијарди години.
Оваа фотографија ги прикажува способностите на Веб да ја оствари втората од овие цели.
Она што се гледа на неа е кластер од галаксии во соѕвездието Летечка Риба (Воланс) на јужната хемисфера, познат по непривлечното име СМАКС 0723.
Самиот кластер всушност не е толку далеку – само околу четири милијарди светлосни години во далечина. Но големата маса на овој кластер ја свиткала и ја зголемила светлината на објекти што се многу, многу подалеку.
Тоа е гравитациски ефект; астрономски еквивалент на леќа за зумирање за телескоп.
Веб, со своето златно огледало широко 6,5 метри и суперчувствителните инфрацрвени инструменти, успеал на оваа слика да го открие искривениот облик на галаксиите што постоеле само 600 милиони години по Големата експлозија (Универзумот е стар 13,8 милијарди години).
Научниците од квалитетот на податоците произведени од Веб можат да кажат дека телескопот го насетува просторот многу подалеку од најоддалечениот објект на оваа слика.
Како последица на тоа, можно е ова да е дури и најдлабокото вселенско видно поле некогаш добиено, вели Би-би-си.
Хабл со недели „зјапаше“ во небото за да даде ваков резултат. Веб ги идентификуваше своите супердлабоки објекти по само неколку часа набљудување.
НАСА и нејзините меѓународни партнери, Европската и Канадската вселенска агенција, денеска ќе објават уште фотографии во боја од Веб.
Една од темите што ќе се дискутираат ќе ја допре онаа друга сеопфатна цел: проучувањето на планетите надвор од нашиот Сончев систем.
Веб ја анализирал атмосферата на ВАСП-96 б, џиновска планета што се наоѓа на повеќе од 1.000 светлосни години од Земјата и ќе ни раскаже за хемијата на таа атмосфера.
Еден ден, се надеваме дека Веб би можел да надушка некоја планета што во воздухот има гасови што се слични на оние што ја обвиваат Земјата.
Научниците на НАСА ветуваат дека Веб нема да разочара.
„Ги видов првите фотографии и тие се спектакуларни“, рече заменик-научничката на проектот, д-р Амбер Строн.
„Тие се неверојатни сами по себе, исто како слики. Но навестувањата за деталната наука што ќе можеме да ја создадеме со нив е она што толку многу ме возбудува“, изјави таа за Би-би-си.
Д-р Ерик Смит, програмскиот научник за проектот Веб, рече дека мислел дека јавноста веќе го сфатила значењето на новиот телескоп.
„Мислам дека дизајнот на Веб, начинот на кој изгледа Веб, во голем дел е причината поради која јавноста е навистина фасцинирана од оваа мисија. Тој изгледа како вселенски брод од иднината.“
НАСА денеска ќе врши веб-пренос за да ги прикаже другите снимки од новиот телескоп. Има многу места каде што можете да ја видите оваа презентација, вклучително и на веб-телевизискиот канал на Европската вселенска агенција. Преносот ќе може да се следи и на јутјуб-каналот на Канадската вселенска агенција; и на НАСА лајв.
Емитувањето почнува во 15:45 часот.
Како Џемс Веб успева да гледа назад во времето?
На светлината од сонцето ѝ се потребни 8 минути за да стигне до нас, така ние ѕвездата ја гледаме таква каква што била пред осум минути.
Кога сонцето би исчезнало, нам би ни биле потребни осум минути за да го забележиме тоа.
На светлината од некоја далечна ѕвезда можеби би ѝ требале многу години за да стигне до нас низ вселенското пространство, така што ние би ја гледале таква каква што била пред многу години.
Светлината од првите ѕвезди го почнала своето патување пред милијарди години, така што Веб ќе ги види тие ѕвезди такви какви што биле пред милијарди години, објаснува НАСА.