Провокативна содржина: Скопје преплавено со билборди со турска политичка позадина


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Скопје вчера осамна преплавено од билборди со политичка содржина која е туѓа на нашата внатрешна ситуација. Од содржината станува очигледно дека се работи за турска политичка пропаганда во врска со минатогодишниот обид за државен удар со кој Македонија нема ништо, а на неколку начини се обидоа да ја вклучат турската влада и претседателот Таип Реџеп Ердоган. На билбордите стои „Никогаш нема да го заборавиме 15 јули“, т.е. денот кога се случи неуспешниот обид за државен удар со дополнителна порака “Секогаш ќе застанеме зад демократски избраната влада на Турција“.

Ова е првпат политички настан во странска држава на ваков начин да се прелева кај нас, со цел да се анимира не само турската заедница за поддршка на Ердоган, туку и да се влијае на начинот на кој Македонците ја гледаат политичката ситуација во таа земја. На билбордите како нарачувач стои Мусиад, турска бизнис и индустриска асоцијација која има преставници во 63 земји, а фигурира како независна.

Претходно, истата асоцијација организираше специјална програма поради истиот повод , т.е. првата годишнина од државниот удар кој му послужи на турскиот претседател да разреши, да отпушти од работа и да притвори илјадници судии, универзитетски професори, новинари, воени лица и главно опозиционери. Деновиве опозицијата како одговор на авторитарноста на власта организираше мировен марш, пешачејќи од Анкара до Истанбул, што беше силна демонстрација на незадоволство во земјата.

На оваа специјална програма вчера учествувале и Аднан Ќахил, министер без ресор во Владата на Македонија, амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, претставници на турските институции и здруженија во земјата, како и бизнисмени. Ќахил посочил дека владата избрана од страна на народот не може да се сруши со државен удар или на кој било друг начин.

„Ние ќе бидеме заедно со нашите браќа кои живеат во Турција. И сега сме заедно, и во иднина ќе биде така. Тоа е наша демократска перцепција. Оние што размислуваат за каков било државен удар, нека размислат добро затоа што ќе се соочат не само со народот кој живее во Турција, туку и со сите народи во светот што ги знаат и ги разбираат Турците и демократијата“, рекол Ќахил.

Ќахил истакнал дека посакува ова да не се повтори каде било во светот, особено не во Турција и дека македонската држава и Турците кои живеат во земјата секогаш ќе стојат зад турскиот народ. Ваква активност беше најавена и во Косово, Босна и Херцеговина и во Грција.

Пренесувањето на внатрешните политички случувања во други држави, што е манир на оваа власт во Турција, веќе испровоцира реакции изминатите месеци во Европа, а пред се во Германија која му забрани на Ердоган да држи говори и спроведува политичка кампања за Турците на нејзина територија и да забрани влегување на еден турски министер. Слична забрана упати и Франција пред референдумот за Уставот во Турција.

Турција е последна од земјите на листата на соседи кои ја злоупотребуваат нашата меѓуетничка ситуација, политичка толеранција и незавидна положба, по прославите на разни бугарски здруженија низ Македонија, српските прослави на, за нас, окупаторски поводи, српското учество во крвавиот настан во Парламентот и албанската прослава на знамето не толку одамна кај нас, од која излегоа најави за некакво албанско обединување.