Протести против влез во ЕУ и НАТО со сменето име во центарот на Скопје


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Голем број граѓани денес излегоа на протест против промена на името на плоштадот Македонија во Скопје. Дијаспората истовремено одржува протести во 14 градови во светот.

Прекин на преговорите за името побараа неколку илјади граѓани кои денеска излегоа на протест на плоштадот Македонија во Скопје.

Организаторите од движењето „Нашето име е наше право“ велат дека се незадоволни од политиките што ги загрозуваат националните интереси на македонскиот народ.

Граѓаните што беа излезени на протестот велат дека не сакаат влез во НАТО и во ЕУ ако треба да се менува името.

Организаторите почочуваат дека на протестот излегле многу луѓе и покрај многубројните партиски опструкции и од власта и од опозицијата.

Дел од присутните бараат и ослободување на притворените за насилствата во Собранието на 27 април. Носеа транспаренти со ликовите на Горан Ангелов и Илија Славевски, членови на здружението Андон Јанев Лазов – Ќосето, кои се во притвор поради насилствата од 27 април.

Актерката Арна Шијак, која беше една од водителките на манифестацијата, рече дека името, идентитетот, јазикот, црквата, историјата, традицијата, културата и националниот интерес не може да бидат предмет на залог.

„Наметнатото лудачки брзо темпо по секоја цена да влеземе во клубот на веќе презрената европска криминогена бирократија и нималку нужните воени сојузи, само на наивниот или на злонамерниот може да му звучи добронамерно и исправно. Ниту ЕУ, ниту НАТО не се волшебен портал за пребег во друга димензија“, рече Шијак.

Актерката Камка Тоциновски рече дека власта треба да престане со пропагандата дека има национален консензус и дека преговорите се водат само за промена на името на државата.

„Од нас се бара нешто што никогаш никому не му се случило – да ја видиме смртта на својот народ во текот на нашиот живот“, рече таа.

Извор: Радио Слободна Европа