Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Прошталното писмо на францускиот поет и еден од најголемите поети во историјата на поезијата, Шарл Бодлер, во кое најавува и самоубиство, на аукциско наддавање беше продадено за 234.000 евра, цена која е три пати повисока од очекуваната, пренесува аукциската куќа Osenat.
Писмото од 30 јуни, 1845 година, Бодлер го посветил и испратил до неговата љубовница Жана Дивал. Тогаш поетот имал 24 години. Се обидел да изврши самоубиство истиот ден, но не успеал да си го одземе животот.
Во писмото од Шарл до Жана пишува дека планира да се самоубие. „Во моментот кога ќе го читаш ова писмо, мене веќе нема да ме има“, пишува во прошталното писмо.
„На овој чекор се одлучив бидејќи веќе не можам да живеам ни да го поднесува товарот на животот…секојдневното одење на спиење и повторното будење“, додава поетот.
Бодлер пробал да се самоубие со самоизбодување со нож во градите, но се здобил само со полесни повреди и преживеал.
После овој самоубиствен обид, живеел уште 22 години, пишувајќи ги некои од најголемите ремек дела на француската и светската поезија. Меѓу нив, секако, челно место зазема „Цвеќиња на злото“, збирка која, според многумина, е најзначајното лирско дело на 19-ти век. Новиот поетски вид песни во проза кој го иновираше Бодлер, го отелотвори во делото „Сплинот на Париз“.
ТАСО ВО ЗАНДАНА
Според сликата на Ежен Делакроа
Поет во ќелија, болен, испокинат, стуткан,
со згрчената нога ракописот го бутка
и си ја следи, со поглед ужаснат и вџашен,
душата што пропаѓа низ понорот страшен.
Смеењата грозни што низ зандана ечат
умот му го чудат и кон бесмисла го влечат;
околу него Стравот, грд и смешен се метка,
духот негов од Сомнежот наполно е сплеткан.
Тој гениј, во дупка црна и нездрава пикнат,
тие крикови, сеништа што крај него никнат
и покрај ушите му се собираат, блудат,
тој сонувач што ужасни стравови го будат,
тој е твојот знак, Душо со соништа темни,
задушена од Стварноста сред ѕидишта лемни.
Освен одлична поезија, Бодлер пишувал и брилијантни ликовни критики, а се истакнал и како преведувач. Бил еден од првите Французи кој ја препознал генијалноста на Вагнер. Обележан е како блудник и отфрлан како симбол на боемштината и неморало. Со своите песни и современиците ги прошириле видиците на поезијата и поетското, но ниту за време на животот, а ни првите десет години по смртта, не го стекнал заслуженото признание.
Извршил огромно влијание на поетскиот израз на цела генерација француски поети. Починал во 1867 година од сифилис, болест која во тој период била неизлечива.